за

Оваа Kia има душа

Моделот што ја одбележа стилската пресвртница на Kia влегува во втора генерација: Целосно нова платформа, свеж изглед на надворешноста и на внатрешноста. Продажбата ќе стартува на почетокот на 2014.

Втората генерација на стилскиот кросовер на Kia ќе доживее европска премиера на салонот во Франкфурт. Изгледот на новиот модел се води според студијата Kia Track’ster од Чикаго 2012. Дизајнот е еволуција на претходникот и моделот веднаш се препознава како Soul со исправениот став, широкот појас, карактеристичната форма на прозорците и со високите задни светла. Во внатрешноста се користат поквалитетни материјали и арматурна табла дизајн што е ориентирана кон возачот.

iaa 2013 kia soul01

Каросеријата може да биде лакирана во една од единаесетте бои, а покривот може заради контраст да биде во црна, бела или црвена боја. Моделите што Kia ќе ги прикаже во Франкфурт ќе имаат нов дизајнерски пакет, со кој повеќе се истакнува карактерот на спортски теренец на компактниот модел – со браници, прагови и арки на крилата лакирани во сјајно црна боја.

Најсуштинската промена е во техниката. Втората генерација на Soul користи целосно нова платформа, што потекнува од компактот Cee’d. Со тоа се обезбедуваат подинамични возни својства и управливост во споредба со претходникот, додека во исто време е подобрен и комфорот. Kia ветува дека новиот Soul е меѓу најкултивираните возила во класата. Со преработката на водењето на тркалата, со крутост на каросеријата зголемена за 29 проценти и со обемни мери за изолација, бучноста во кабината е намалена за речиси 3 проценти.

iaa 2013 kia soul03

И каросеријата потпорасна. Подолгото меѓуоскино растојание и пошироката трага ја подобрија просторната понуда во кабината и големината на багажникот. На сите места има повеќе простор за нозе, за глава и за рамениците, а багажникот сега има волумен од 354 литри.

Моторите се преземени од претходникот, но со неколку модификации се подобрени економичноста и чистотата на издувните гасови. Понудата од погонски единици се сведува на 1,6-литарски бензинец со директно впрскување и на турбодизел со иста зафатнина. Покрај шестстепениот мануелен менувач, може да се доплати за шестстепен автоматик.

За втората генерација на Soul се достапни неколку ставки од дополнителната опрема што потекнуваат од повисоките класи, односно ксенонски светла, пристап и стартување без клуч, вентилација на предните седишта или панорамски покрив.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda 3: Уште 7500 километри до Франкфурт

BMW и Toyota ќе соработуваат на наследникот на Z4