Во кулоарите веќе цела година се зборува за тоа, а сега пристига и официјалната потврда: Новата генерација на Nissan GT-R ќе поседува хибриден погон.
Во ноември минатата година, првиот човек за инженеринг, продажба и маркетинг Енди Палмер, изјави во едно интервју дека GT-R „не може да опстане без електрификација на погонот“. Сега пристига и официјалната потврда од Широ Накамура, шефот на развој во Nissan, дека R36 ќе поседува хибриден погон.
До појавувањето на наследникот на актуелниот GT-R ќе треба да почекаме уште две години. Моментно е во полн ек тестирањето на погонската спрега за суперкупето, но се уште не е донесена одлука околу крајниот изглед на јапонскиот спортист. Неколку дизајнерски решенија од студијата Vision 2020 што Nissan ја претстави годинава во Гудвуд ќе се користат и кај новиот GT-R, „но, не очекувајте сериска верзија од тој автомобил“, додава Накамура.
















