за

Не се само изборите: ADAC мамел и на тестовите

На тестот на клубот ADAC во 2005 година, евтината Dacia Logan се преврте на покрив. Евтиниот автомобил од Романија сепак не испадна толку лош како што опиша ADAC.

Очигледно е дека клубот ADAC не мамел само при броењето на гласовите за најпопуларниот автомобил на Германците. Како што пишува дневниот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, автомобилскиот клуб уште во 2005 година го манипулирал тестот на Dacia Logan.

Поради ниската цена на евтините модели на Dacia, клубот се нашол повикан да ѝ помогне на германската автоиндустрија и да ја оцрни конкуренцијата од Романија. Историскиот модел на Dacia се преврте на тестот на ADAC и тоа беше соодветно формулирано во насловот „Евтиниот летач од Романија“ во клупскиот магазин „АДАК Моторвелт“. Како што тогаш пишуваше дневниот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ)“, експертите на клубот претходно ги оштетиле гумите на тест возилото и едно од тркалата го замениле со помошното резервно тркало, со што се постигнале одлични предуслови возилото да заврши на покрив при нагли маневри со воланот.

Аферата тогаш мина без многу врева. Но, по местењето на актуелниот избор на Golf за најпопуларен автомобил во Германија, на сите претходни избори, тестови и какви било објави од клубот ADAC се гледа со други очи. Експертската јавност се сомнева дека и на поранешните избори на клубот било манипулирано со резултатите. Иако за Golf гласаа само 3.000 членови на клубот, во крајните резултати беа пријавени преку 30.000 гласови и врз таа основа моделот на Volkswagen ја понесе победничката титула во гласањето за „Жолтиот ангел“, како што се нарекува изборот на ADAC.

Директорот на клубот, Обермајр, во изјава за медиумите потврдил дека шефот на службата за печат Михаел Рамштетер со години пријавувал поголем број на учесници во гласањето за „Најпопуларниот автомобил во Германија“. Веднаш откако беа фрлени првите обинувања против Рамштетер, раководството на клубот наредило поведување на внатрешна истрага. Таа покажала дека во 2013 и 2012 година, а веројатно и во претходните години, бил лажиран бројот на гласови, но според клубот тоа не влијаело врз исходот на изборот. Истрагата, сепак, се темели врз претходни записи, затоа што гласачките ливчиња биле уништени по изборите заради заштита на личните податоци на гласачите. Единствено шефот Рамштетер имал увид во вистинските бројки.

Во неделата клубот призна дека бил лажиран бројот на гласачи во овогодишниот избор. Рамштетер, кој со години го уредуваше клупскиот магазин „АДАК Моторвелт“, ја презеде одговорноста и се повлече од сите функции во клубот. Неколку денови пред тоа, директорот Обермајр ги побиваше обвинувањата за манипулирање за кои што пишуваа медиумите. Со 19 милиони членови, АДАК е најголем авто клуб во Европа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Санта Каталина е островот на автомобилските џуџиња

Започнува четвртата индустриска револуција