Луцид во второто тромесечје од 2024 година е 790 милиони долари во загуба, и покрај рекордната продажба на својата електрична лимузина Ер, во периодот од април до јуни. Загубата е зголемена за 3,4 проценти во споредба со истиот квартал лани.
Прометот во вториот квартал изнесува 201 милиони долари, што е за 33 проценти повеќе во споредба со истиот квартал во 2024, кога беа постигнати 151 милиони долари промет. Луцид објави дека по вториот квартал располагаат со готовина, еквивалент на готовина и инвестиции од 4,3 милијарди долари.
Најголемиот акционер во Луцид, јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, ќе прискокне со 1,5 милијарда долари готовина. Ајар Инвестмент, огранок на саудискиот фонд, се сложи дека ќе откупи преференцијални акции во вредност од 750 милиони долари, како и дека ќе обезбеди кредитна линија во сличен износ, стои во соопштението од Луцид од 5-ти август.
„Дополнителната обврска од 1,5 милијарда долари преку огранокот на ПИФ што е објавена денес, се очекува дека ќе обезбеди доволна ликвидност најмалку до 4-от квартал во 2025 година,“ соопшти Гаган Дингра, финансиски директор на Луцид.
Стартапот што почна со продажба на Ер во 2021 година, во последниот квартал продаде рекордни 2.394 возила. Луцид сепак нудеше продажен попуст во висина од 16.537 долари по возило, соопштуваат од агенцијата Мотор Интелиџенс.

Големата лимузина е единствен модел на Луцид и почнува од 71.400 долари во САД, вклучувајќи транспортни трошоци. Подоцна годинава треба да почне производството на кросоверот со три реда седишта, под името Гравити. Неговата цена е малку под 80.000 долари, без вклучен транспорт.
Пред да го објави извештајот за второто тромесечје, Луцид соопшти дека бара дополнителен инвеститор за своите идни планови. Планот на производителот на електрични автомобили е кон завршетокот на 2026 година да лансира модели од средна класа со цена под 50.000 долари.

Главната фабрика на Луцид се наоѓа во Каза Гранде, Аризона. Во мал погон во Саудиска Арабија се врши завршна монтажа на возила од полурасклопени китови, што пристигаат од Аризона.
Во споредба со Ер, Гравити цели кон шестпати поголем потенцијален пазар, затоа што купувачите во САД им даваат предност на кросоверите, пред лимузините, вели Ролинсон, извршниот директор на Луцид. Првите примероци од претсериско производство во фабриката во Аризона ја напуштија производсвената лента на 31-ви јули.
















