Киа в година почнува со производство на својот најдостапен ЕВ во Словачка

Во февруари ќе почне производството на ЕВ2, најдостапниот електричен модел на Киа, во фабриката во словачка Жилина.

Киа ЕВ2 во концептната изведба беше изложен на Неделата на дизајнот во Милано

Прашан за планираната цена на основната изведба на ЕВ2, извршниот директор на Киа Европа, Марк Хедрих, не наведе точна бројка, но и не порекна дека цената на малечкиот кросовер со целосно електричен погон ќе биде под 30.000 евра.

Со тоа, ЕВ2 ќе биде најдостапниот модел со батериски електричен погон на Киа во Европа. Во моментов, понудата на БЕВ-модели на Киа почнува со компактниот кросовер ЕВ3, што во Германија почнува од 35.990 евра.

Хедрих и Киа беа домаќини на настанот што производителот го приреди на 20-ти август во фабриката во Жилина, за одбележување на почетокот на производството на првиот батериски електричен модел на Киа во Европа, на компактната комбилимузина ЕВ4. Таа ќе се произведува покрај компактниот СУВ-модел Спортаж и кросоверот Ексид, исто така модел од компакт класата.

Производството на комбилимузинскиот Сид, на комби изведбата Спортсвагон и на купе-комбито Просид заврши во јуни.

Киа вложи 108 милиони евра во Жилина за да произведува два електрични модели

Хедрих кажа дека Киа вложува 108 милиони евра во производство на ЕВ4 и ЕВ2 во Жилина. Голем дел од тој износ отпаѓа на подвижната лента што ги доставува батериите до лентата за монтажа на подвозјето во фабриката.

Директорот наведе дека целта за производство на 20.000 до 30.000 примероци од ЕВ4 во 2026 година „несомнено е разумна“ и додаде дека заедничката продукција на ЕВ4 и ЕВ2 ќе учествува со 10 до 20 проценти во вкупната продукција на фабриката во следната година. Капацитетот на словачката фабрика на Киа изнесува 350.000 возила годишно, што значи дека двата БЕВ-модели би учествувале со 35.000 до 70.000 примероци.

ЕВ2, ЕВ4 и ЕВ3, којшто се произведува во Кореја, конструирани се врз приспособена изведба од платформата Е-ГМП, што користи 400-волтна мрежа. Разликата со верзијата на платформата што се користи за попрестижните модели ЕВ6 и ЕВ9 е во 800-волтната мрежа, којашто дозволува побрзо полнење.

Киа го одбележа почетокот на производството на ЕВ4 во фабриката во Жилина, каде што до јуни се произведуваше компактот Сид во трите каросериски изведби

За електричните автомобили на Киа од европско производство ќе важат субвенциите во државите во ЕУ

Во ЕВ4 ќе се вградуваат батерии од фабриката на корејскиот добавувач ЛГ во Полска. Имајќи предвид дека батеријата обично учествува со 30 до 40 проценти во вкупната цена на производство на батериски електрични возила, моделите на Киа ќе подедуваат висок удел на компоненти со потекло од Европа.

Хедрих не наведе во колкав удел ќе учествуваат компонентите од европско производство во електричните модели, меѓутоа е убеден дека тие „без проблем ќе ги уживаат владините субвенции за ЕВ во Франција и Обединетото Кралство, како и општо во сите земји во ЕУ,“ додаде директорот.

За еден автомобил да ги исполни условите за субвенцијата во Франција, којашто е меѓу највисоките во Европа, се зема предвид целиот производствен круг на автомобилот, вклучувајќи го потеклото на батеријата и местото каде што се врши завршната монтажа на возилото.

ЕВ3 не ги исполнува тие услови, затоа што при транспортот од Кореја до Европа се испушта висока емисија на ЦО2.

Дури и без субвенциите, ЕВ3 е меѓу најпродаваните модели на Киа, со близу 41.000 продажби до јули, покажуваат податоците на Датафорс.

Заедно со ЕВ3, од новите модели ЕВ4 и ЕВ2 се очекува да го зголемат учеството на Киа на пазарот на батериски електрични возила во Европа, коешто во моментов изнесува 5 проценти. Целата марка учествува на европскиот пазар со 4 проценти.

Хедрих наведе дека БЕВ учествуваат со близу 22 проценти во продажбата на Киа во досегашниот тек на годината. Целта на Киа е тој удел да се искачи до 74 проценти до 2030 година.

Иако Хедрих кажа дека постои можност Киа еден ден да понуди и ЕВ1, засега нема планови да се нуди БЕВ под ЕВ2.

„Во моментов не може да се заработува со ЕВ за 20.000 евра,“ вели директорот.

Дури и продажба на малечок ЕВ со цена од 22.000 евра пак би повлекувала скусувања во содржината на моделот, а Киа сака да го избегне тоа, објаснува Хедрих.

Претходна објаваФолксваген доби 30 милиони евра од португалската влада за да произведува евтин електричен автомобил
Следна објаваЈапонските производители на автомобили ќе загубат 18 милијарди евра со царините на Трамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here