Раздвижено е на сцената на супербрзите. Адреналинските зависници во Вокинг не остануваат кусо на Aston Martin Valkyrie и Mercedes-AMG Project One и наскоро го претставуваат McLaren P15. Британскиот Autocar ги има ексклузивните детали за овој суперекстрем на тркала, којшто ќе биде побрз и од P1 GTR.
Секогаш кога McLaren ќе најави автомобил што ги исцрпува границите на моментно изводливото, ништо друго не е повеќе важно во светот на автомобилите. McLaren е McLaren F1. Уште пред завршетокот на годинава, од Вокинг ќе излезе новиот „F1“, втор од таканаречената ултимативна серија на McLaren и наследник на P1.
Opinion: Should speed be king for the McLaren P15? https://t.co/dxPUK9EATL pic.twitter.com/Krbh9cMy3b
— Autocar (@autocar) July 26, 2017
Британскиот Autocar ги има ексклузивните детали за најекстремниот цивилен тркач во историјата на McLaren. Новиот хиперавтомобил се води под развојната ознака P15, располага со мотор со 800 КС и тежи под 1,3 тон.
McLaren P15 ќе биде побрз на тркачка патека и од расниот тркач P1 GTR
Конструиран како најекстремен модел, којшто е само тркачки болид преправен во цивилен автомобил, инженерите на McLaren добија задача да им дадат првенство на перформансите пред сé останато. Според информациите на Autocar, новиот P15 ќе биде побрз на тркачка патека од кој било друг модел на McLaren, вклучувајќи го и расниот тркач P1 GTR.
Срцето на погонската спрега е познатиот 3,8-литарски твин-турбо V8, чијашто моќност е зголемена на 800 КС наспроти 737-те КС во McLaren P1. Но, за разлика од претходникот, кој постигнуваше системски 916 КС во комбинација со електромотор, новиот P15 нема да користи хибриден погон.
Кусокот од 100 КС се компензира со тежина смалена за преку 250 килограми
Разликата од преку сто коњски сили ќе биде компензирана преку тежината. McLaren P15 ќе биде значително полесен преку примена на нова генерација на карбонска школка, во чијашто структура сега влегува и покривот. Со целосно согорена кабина, како кај чистокрвна тркачка машина, новиот Ultra-McLaren ќе тежи под 1.300 килограми.
McLaren's sequel to the P1 is coming, and it's going to look like this: https://t.co/Glvt8A9WGV pic.twitter.com/9tuWM2TB9C
— Autocar (@autocar) July 26, 2017
За споредба, хибридниот P1 тежи 1.547 килограми. Со подобар сооднос меѓу тежината и моќноста, P15 ќе може да се спротивстави на забрзувањето на неговиот претходник од 2,7 секунди до 60 милји на час (96 km/h) и на времето од 10,2 секунди за спринт до 400 метри. На возните својства на тркачка патека, исто така.
Каросеријата има само функционална намена, естетиката е апсолутно неважна
Бруталниот изглед произлегува од целта карбонската школка да се користи само на местата кадешто е неопходна за постигнување перформанси. Убавината во случајов е најмалку важна. Активната аеродинамика е одомаќена во маркава уште од McLaren F1. Според цртежите на илустраторите во Autocar, назад ќе доминира огромен дифузор.
P15 ќе биде прикажан на ексклузивен настан пред крајот на годинава, во присуство само на постоечки клиенти и потенцијални купувачи. Првото појавување пред пошироката јавност ќе се случина салонот во Женева, во март следната година. Цената во Велика Британија ќе изнесува околу 840.000 фунти. Серијата ќе се изработи во само 500 примероци.
Уште еден ексклузивен детал од Autocar. Под кодната ознака BP23, за следната година се подготвува трисед во стилот на легендарниот F1.
















