за

Зошто е штетно моторот да се загрева во место

греење на моторот во место

Голем број возачи веруваат дека загревањето во место е добро за моторот, но на тој начин само предизвикуваат опасност од негово оштетување. Покрај тоа, при работата на возилото во место се ослободува голема количина штетни материи и со бучавата се вознемирува околината. За тоа следуваат и високи казни во некои земји.

Кога времето ќе застуди, голем број возачи имаат навика да го остават моторот да загрее, пред да седнат во кабината и да појдат. За тоа време, греењето ја топли кабината и ги одмаглува или одмрзнува стаклата. Секако дека оваа навика е штетна за животната средина, а со бучавата непотребно се вознемируваат и соседите. Во повеќе држави, вклучувајќи ги Германија, Австрија и Велика Британија, за греењето на моторот во место се плаќаат и казни, кои може да достигнат висина од неколку стотици евра.

Греењето на моторот во место е штетно за техниката и џебот

Додека работи во место, моторот се загрева побавно отколку при нормално возење. Покрај тоа, моторите за три минути греење ќе потрошат исто толку гориво колку за еден километар во возење. Моторот најбрзо ја достигнува работната температура кога се вози со средни вртежи.

Во услови кога аерозагаденоста достигнува енормни вредности, греењето на моторот во место претставува и дополнителен извор на загадување. Незагреан мотор испушта два до трипати повеќе штетни материи.

Што се случува при греењето на моторот во место?

Голем број возачи не располагаат со гаража или паркинг под стреа. Поради тоа, во студеното годишно време тие мораат да практикуваат еден непопуларен ритуал: Гребење на мразот од стаклата. Покрај тоа, повеќето возачи се убедени дека загревањето во место пред поаѓањето е добро за моторот. Но, вистината е сосем поинаква. Кога моторот работи во место, бензинот не согорува целосно.

Тоа може да повлече проблеми при стартувањето, како и оштетување на моторот и на катализаторот, бидејќи маслото останува жилаво. Подмачкувањето не е оптимално, моторот не работи рамномерно, катализаторот не се загрева.

При незагреан мотор, ретката бензинска смеша што е кондензирана на кошулките на цилиндрите се слева и го плакне тенкиот слој масло. Горивото доспева во садот за масло, го разредува моторното масло, зголемено е абењето на моторот. Поради ова разредување, подмачкувањето на моторот во незагреана состојба е послабо отколку при возењето.

Честото оставање на моторот да загрее во место носи опасност од оштетување на клиповите или брегастото вратило

Без разлика дали моторот се остава во место само со цел да се олесни чистењето на стаклата – тоа е штетно за моторот. За чистење на стаклата постојат спрејови за одмрзнување, гребачи за мраз и простирки за ветробранот.

За возачите што се навикнати на комоцијата да седнат во загреана или изладена кабина, постојат посебни системи за греење во место, тоа што популарно се нарекува „вебасто“. Цената на овие системи е значително повисока, но се добива голем комфор, а и вредноста на возилото при продажбата ќе биде повисока.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

безбедносни стандарди, системи за спречување судир, тест адак

Нови безбедносни стандарди во возилата од 2018 година

bmw i8 roadster

Тука созрева родстер изведбата на BMW i8