за

Вака изгледа внатрешноста на новата Skoda Fabia

Откако во минатата недела дизајнерот Кабан го откри конечниот изглед на новата Fabia, сега следува и првата импресија за внатрешноста на братот на Polo. Педантно, практично, прецизно.

Од тоа што можеше да се заклучи од првите фабрички фотографии од минатата недела, новата Fabia настапува со многу поемотивен дизајн во споредба со претходникот – за создавањето на дизајнот на новиот модел можете да прочитате повеќе во интервјуто со Јозеф Кабан, првиот „цртач“ во Skoda. Но, сосема вообичаено за Skoda, новакот импресионира и со практичните и интелигентни решенија во кабината. Покрај тоа, новата платформа дозволува многу порационално искористување на просторот, така што и кабината ќе нуди повеќе простор од повеќето конкуренти во четириметарската класа. Тоа што особено ќе го ценат купувачите во оваа класа е багажникот од 330 литри – никој не нуди повеќе од тоа.

Колку порасна Fabia во бројки: Иако каросеријата е 8 милиметри покуса, кабината е продолжена за осум милиметри, на 1.674 mm. Ширината на кабината во делот на лактите порасна за 21 милиметар напред и 2 милиметра назад. Со соборена задна клупа, багажникот расте на 1.150 литри. Отворот на багажникот во најтесниот дел има ширина од 1.098 mm, а просторот меѓу поткрилата е широк 960 mm, односно дури 2 cm повеќе од порано.

Новата Fabia е прв модел на Skoda во когошто ќе биде достапна технологијата MirrorLink, за пристап до апликациите од паметниот телефон на дисплејот во кокпитот – системот е достапен од радиото Bolero па нагоре. Друга корисна функција е SmartGate, за пренесување на возните податоци од возилото, како потрошувачка на гориво, просечна брзина, трошоци за патарина, на одредени апликации на паметниот телефон, преку безжична мрежа.

Гребачот за мраз во капакот на резервоарот е веќе стандард во Skoda, во средишната конзола има посебен држач за преносни уреди, безбедносниот елек е сместен во вратата на возачот. Другите практични решенија во стилот на Skoda се кантичката за отпадоци за во врата, мрежите за ситни предмети од внатрешната страна на предните седишта, можноста за сместување шише од 0,5 литар во задните врати, како и можноста во касетата пред совозачот да се лади шише од еден литар. До премиерата во Париз останува уште Чесите да ги објават цените за новиот модел. Производството веќе стартуваше.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault започна наградна игра на Facebook

Toyota го враќа неуништливиот Land Cruiser 70 во салоните