за

Ако во авто-салоните има дива мачка, тоа е Ford Puma

Ford Puma Ми-Да Гранд Моторс
Ford Puma Ми-Да Гранд Моторс

Еден од првите знаци дека авто-браншата и кај нас се враќа во форма е пристигањето на комплетно новата Ford Puma во салонот на Ми-Да Гранд Моторс во Скопје. Името им е добро познато на фановите на синиот овал, но место за згодно купе, тоа сега стои за достапен СУВ, веројатно нов бестселер на Ford.

Дивите мачки отсекогаш биле популарни кај автомобилските марки. Тука нема двоумење: Сите оние карактерни особини и способности што се заеднички за целиот род, делуваат моќно кога ќе се поврзат со некој автомобилски модел. Конкретно кај Ford, повеќе внимание им се посветува на мустанзите, но важно е дека животните се сакаат во оваа марка.

Ford Puma е меѓу првите комплетно нови модели што пристигаат на македонскиот пазар, откако целото јавно живеење беше ставено во мирување. Во меѓувреме, мерките за ограничено движење попуштаат и добра е симболиката што токму една „пума“ се појавува за повторно да ја заживее автомобилската сцена – којашто од почетокот на годината замре и поради други причини, нејсе…

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ford Puma, значи. За новиот модел што ја дели платформата со добрата и сакана Fiesta објавувавме повеќепати досега. Тоа што недостигаше е воедно и најважното, цената. Автомобил во салон и на улица, исто така. Ми-Да Гранд Моторс денес официјално ги објави и тие информации, паралелно со пристигањето на првите испораки од моделот.

Редовната цена за Ford Puma изнесува 22.500 евра за изведбата со 125 КС и со богатото ниво на опременост Titanium

Редовниот ценовник почнува од 22.500 евра за верзијата 1.0 EcoBoost со 125 КС и мануелен менувач во нивото Titanium. Како што беше најавено уште пред стартот, моделот засега ќе стартува од ова релативно високо ниво на опрема, односно едно скалило под топ-нивото ST-Line. Тоа е класична бизнис-политика во браншата, кога пристигаат комплетно нови генерации на модели и комплетно нови модели во понудата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Преку високото ниво на опрема и моќните моторизации се поставува основата на имиџот на моделот на пазарот. Сето тоа кажано кусо: Понатаму ќе има и пониски и подостапни нивоа на опрема, но тогаш нема да постои привилегијата што е универзално важечка насекаде во светот – привилегијата прв или прва да се има новиот модел на одредена марка, на Ford.

Моторот е добро познат и воедно е најмногу наградуван мотор во светски рамки. Нивото Titanium остава само малку неисполнети желби. Во основниот модел за редовни 22.500 евра се добиваат алу-бандажи од 17 инчи, електрика на сите прозорци, централна брава со далечинска команда, систем за самостојно запирање при опасност од судир иу систем за следење лента, темпомат, камера за знаци, мануелен клима уред, избор на режими на возење, дводелен под, електрика и греење на ретровизори, магленки, хромирана маска и лајсни, автоматски долги светла, патен компјутер, кожа на волан и на менувач, патосници, навигација со дисплеј од 8 инчи на допир, безжично полнење телефон, паркинг сензори назад – кусо, тоа е Titanium!

Следното скалило е 25.200 евра за Titanium X, кадешто следат бандажи поголеми за еденинч, затемнети задни стакла, автоматска клима, отстранливи навлаки на седиштата, сензор за дожд и уште понапредна навигација, заедно со врвно озвучување Bang & Olufsen.

ST-Line беше вистински погодок на Ford, чекор што потоа го следеа и останатите производители

ST-Line е хит-нивото на опрема во Ford, со спортски стил, но без екстремно спортскиот мотор на ST и без посебното дотерување на подвозјето и на погонската спрега. Цената на ова ниво е пониска од ST, комфорот во секојдневието е поголем, трошоците за одржување и експлоатација се пониски. Цената на ST-Line во комбинација со 1.0 EcoBoost со 125 КС изнесува 24.200 евра, односно 1.700 евра над Titanium. Нагласокот се поставува на спортскиот изглед и неколку посебни функционалности во кабината: Посебен дизајн на бандажите од 17 инчи со 10 краци, спортски браници и спортска маска, собирање на ретровизорите, дигитални инструменти, црн таван, алу-педали, спотско подвозје, стартување без клуч и уште неколку детали.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Четвртата опција за нивото на опрема е ST-Line X. Со моторот со 125 КС, цената изнесува 26.900 евра. Во основа, „плусот“ опрема во споредба со ST-Line е ист како кај Titanium, дополнително со делумно кожни седишта и други ставки.

Во сите четири нивоа на опрема се нудат истите четири опции за погонот. Покрај 1.0 EcoBoost со 125 КС и неговата верзија со 7-степен менувач со двојна спојка (доплата 1.800 евра), на располагање стои уште 1.0 EcoBoost со „чудна“ ознака mHEV. Станува збор за благ хибриден погон, со стартер-алтернатор што на кусо работи како електромотор и користи енергија од дополнителан мала батерија.

Изведба со благ хибриден погон mHEV со доплата од 400 евра; На Ford му е важно да продаде колку може повеќе вакви примероци, така бара ЕУ

Одличен и чесен потег на Ford е тоа што благиот хибрид mHEV го нуди со доплата од само 400 евра. Намерата е јасна. ЕУ наскоро ќе ги казнува производителите чијашто емисија на СО2 ќе го надмине лимитот. Достапноста на благиот хибрид во Puma ќе доведе до повисока продажба и поголема шанса да се исполни тоа што го бара ЕУ, почитување на лимитот на СО2. Топ-моделот со 155 КС исто така е благ хибрид mHEV, со цена од 24.500 евра за Titanium и 25.800 евра за ST-Line.

Меѓу повпечатливите опции се пакетот од радарски темпомат, предни паркинг сензори, задна камера и уште неколку системи за асистенција, по цена од 1.750 евра – достапен и за „основното“ ниво Titanium. Диодни предни светла во Titanium чинат 1.750 евра, во пакет со дигитални инструменти. Пакетот со автоматска клима и други ставки чини 620 евра. Премиум металик бојата „лудицно црвена“, воедно и боја со којашто Puma најчесто се појавува во рекламите чини 1.050 евра. Покривот може да биде бојадисан во сребрено или црно, по цена од 500 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Салонскиот примерок што го почнува важното поглавје на Ford Puma е токму во луцидно црвена боја, со 1.0 EcoBoost со 125 КС и мануелен менувач со 6-степени, во нивото Titanium. Покрај екстра бојата (1.050 евра), возилото во салон поседува уште автоматска клима, сензор за дожд и самозатемнувачки внатрешен ретровизор (во пакет за 620 евра), како и пакет од системи за асистенција со предупредување при возило во мртов агол и при излегување наназад од паркинг, со самостојно запирање при опасност од судир, „самосопирачки“ темпомат, паркинг сензори напред и задна камера (пакет Driver Assistance, 1.750 евра). Вкупно, цената со дополнителната опрема изнесува 25.920 евра. Големата вест: Акциската цена на конкретниот модел во салон изнесува 22.500 евра, што значи дека сите ставки (3.320 евра) од дополнителната опрема следат гратис.

Ако сме пропуштиле претходно да ја соопштиме информацијата, Ford Puma е моментно најдостапната можност да се вози „дива мачка“.

Ford Puma е автомобил на 2020 година според What Car
Ford Puma е автомобил на 2020 година според What Car

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ги кани дизајнерите на инстаграм-натпревар

Volkswagen ги кани дизајнерите на инстаграм-натпревар

Tesla Model S сега забрзува за 2,5 секунди до сто

Tesla Model S сега забрзува за 2,5 секунди до сто и има 835 КС