Полначи за електрични камиони се поставуваат масовно, Холандија доби трет центар

Новиот центар во Тил се наоѓа на автопатот А15, на еден од најфреквентните товарни правци во Европа, со станици до 400 kW и најава за мегаватно полнење.

Електричните шлепери добија нов центар на автопатот А15 во Тил

Мрежата за полнење тешки товарни возила Миленс (Milence), зад која стојат водечките европски производители на камиони, продолжува со забрзано ширење на инфраструктурата низ континентот. Деновиве во холандскиот град Тил официјално започна со работа новиот центар за полнење – трет по ред во Холандија, по тие во Венло и во пристаништето во Ротердам.

Новиот парк е поставен на стратешка позиција покрај автопатот А15, директно на коридорот Северно Море – Балтик, еден од најфреквентните товарни правци во Европа. Локацијата ги поврзува големите пристаништа со индустриските центри во внатрешноста и претставува важна точка за превозниците што сообраќаат меѓу Западна и Централна Европа.

Од 400 киловати до мегаватно полнење

Во првата фаза од пуштањето во употреба, на возачите им стојат на располагање четири станици за полнење со стандарден приклучок ЦЦС (CCS) и моќност до 400 киловати. Миленс најавува дека центарот наскоро ќе биде надграден и со технологија за мегаватно полнење (MCS), што драстично ќе го скрати времето за дополнување на батериите кај електричните шлепери и ќе овозможи полнење за време на законски пропишаната пауза на возачите.

Центарот во Тил е изведен по стандардите на Миленс за безбедност и комфор на професионалните возачи. Целиот простор е ограден, осветлен и под постојан видео-надзор, а на располагање се и санитарни јазли и автомати со пијалаци и храна, за паузата на пат да мине во пристојни услови. Плаќањето е олеснето и се врши преку апликацијата на Миленс, преку картичките на водечките европски даватели на услуги за е-мобилност (eMSP) или директно со платежна картичка на терминал.

Заеднички влог на камионските гиганти

За потсетување, Миленс е заедничко вложување на Дајмлер Трак (Daimler Truck), Групацијата Тратон (TRATON GROUP) и Групацијата Волво (Volvo Group), основано во јули 2022 година. Целта на овој сојуз е до 2027 година да се изградат и да се пуштат во работа најмалку 1.700 јавни точки за полнење со високи перформанси низ цела Европа, со што електричниот товарен транспорт на долги релации ќе стане реалност.

Целата гама од електрични камиони на Волво е носител на титулата на Светски камион за 2027 година

Претходна објаваНа германските таблици секој гледа ако возилото е со истечена регистрација