На германските таблици секој гледа ако возилото е со истечена регистрација

Како на германските таблици веднаш се гледа истечен технички преглед и регистрација, како работи системот со налепници од 1961 година и колкави се казните.

Означувањето на возила со налепници со години не профункционира на овие простори. Додека тука се подготвува нов закон за возила, Германија уште од 1961 година користи систем што е беспрекорен.

Германските регистерски таблици се препознатливи по двата круга еден над друг. Горниот круг е во боја, со двоцифрен број во средината за годината на важење и скала со бројките за месеците по работ, додека во долниот круг е грбот на сојузната покраина и податоци за органот што ја издал таблицата.

Властите секоја година одредуваат различна боја на горниот круг. Возилата на коишто годинава им претстои технички преглед, пред регистрирањето, имаат налепница во сина боја. Тие што треба да минат преглед в година, имаат жолта налепница, додека за 2028 година се користи кафена налепница. Тоа е воедно и бојата на налепницата што ја добиваат возилата кои годинава успешно го минале техничкиот преглед и имаат важечка регистрација за учество во сообраќај.

Во средината на таа налепница се наоѓа двоцифрен број. Тој ја означува годината до којашто возилото е регистрирано, односно годината во којашто ќе мора да мине технички преглед и да добие нова налепница.

Технички преглед на возилата во Германија се врши на две години

По кружната скала на налепницата се наоѓаат бројките од 1 до 12, што го означуваат месецот во годината, а крајниот рок е на позицијата на 12 часот (најгоре). Две места над и под ознаката за месецот се обележани црно – на пример, ако во средината на сина налепница стои 26, а црните ознаки покажуваат кон 11, тоа значи дека возилото мора да се однесе на технички преглед во ноември. Тогаш, при успешен технички преглед, на регистерската ознака ќе се постави нова налепница во кафена боја, со 28 во средината и соодветни ознаки за месецот.

За патнички возила што се регистрирани на приватно лице, следен технички преглед се врши по три години од првото регистрирање, доколку се работи за ново возило, а потоа на секои две години.

Во рамките на секој технички преглед се врши и строга проверка дали возилото се придржува до вредностите за количината на штетни материи во издувните гасови што е наведена во хомологацијата на возилото. Овој дополнителен технички преглед се врши од 2010 година.

Казна што следи при непочитување на рокот

  • До 2 месеци по рокот за регистрација: Опомена без парична казна

  • Од 2 до 3 месеци по рокот: 15 евра опоменувачка казна

  • Од 4 до 5 месеци по рокот: 25 евра опоменувачка казна

  • Над 6 месеци: 60 евра и одземање на 1 бод

Но, вистинските последици следат доколку нерегистрирано возило учествува во сообраќајна незгода. Тоа се води под кривична постапка за прекршување на задолжителното осигурување, за што може да се изрече затворска казна до 1 година или парична казна. Следи одземање на возачката дозвола или одземање 6 бодови од дозволеното конто.

Соодветно мора да се покријат и сите настанати материјални, последични и персонални штети.

Претходна објаваНајпродавани малечки автомобили во Европа, се бара електрично