
Промените во освежената моделска изведба на Мерцедес-Бенц ГЛЕ не се сведуваат на зафати во изгледот. Многу од трите илјади зафати што ги претрпе СУВ-моделот од вишата класа, не се гледаат, но сигурно ќе се почувствуваат. Во новиот ГЛЕ меѓу другото се всели сопствениот оперативен систем на Мерцедес-Бенц, наречен МБ.ОС, заедно со компјутер што е најмалку петпати посилен од компјутерот в канцеларија.
Меѓу способностите на новиот Мерцедес-Бенц што оставаат најсилен впечаток секако е активното подвозје Е-Актив Бади Контрол, што користи пет процесори со повеќе јадра и преку 20 сензори. Тие 1.000 пати во секунда следат што се случува со возењето и соодветно ја менуваат амортизацијата. Може да се избере меѓу две крајности, од најопуштено крстосување, до возење како спортски двосед. Секое тркало се регулира засегно, со цел да се спречи секакво наведнување нанапред, наназад, настрана. Каросеријата буклвално не мрднува при забрзување или запирање.
Системот користи 48-волтен напон, со посебен електромотор и пумпа за секое тркало. Целосно активното подвозје е опција што чини околу 10.000 евра според германскиот конфигуратор за Мерцедес-Бенц.
Може да се избира меѓу три различни степени на чувствителност, за спречување на наведнувањето кога се вози по пат со многу свијоци, на пример планински пат.
Активното подвозје го извлекува ГЛЕ ако заглави во песок
Уште една способност на Е-Актив Бади Контрол е своевидното ослободување на возилото ако заглави во песок или на слична подлога. Во тој случај, во посебна програма за теренско возење, ГЛЕ ја модулира погонската сила посебно до секое тркало и возилото се клати напред назад, за да се ослободи.
Новиот ГЛЕ во минатата недела имаше македонска премиера во Мак Аутостар
Процесор со водено ладење
Процесорот во новиот Мерцедес-Бенц ГЛЕ се грижи за сите системи за асистенција да работат сигурно и делотворно. Зависно од моделот, престижниот СУВ располага со десет камери, пет радари и 12 ултразвучни сензори. За нивната работа исто така се грижи МБ.ОС, „виндоусот“ на автомобилот.
Бројни системи за асистенција се вградени стандардно во ГЛЕ, од радарски темпомат до самостојно запирање при пешак или велосипедист на пат. Дополнително може да се избере МБ.Драјв Асист Про, а тоа е автопилот, што освен на автопат, го заменува возачот и во градски услови на возење. Тој во моментов е достапен само во Кина, наскоро и во САД, а следната година ќе биде пуштен во Германија, како и на други пазари каде што тоа го дозволуваат законите.
ГЛЕ се враќа сам наназад ако нема место за паркирање
Откривањето место за паркирање и кога нема обележано линија и самостојно паркирање со 5 км/ч, тоа се веќе очекувани таленти на СУВ со којшто човек не сака да се посрамоти кога треба да се паркира на тесно. Во таа насока оди и дигиталната опција што се води како „рикверц-рангир-функцион“, а тоа е веќе половина разбирливо: Кога ќе се вклучи функцијата, ГЛЕ ја снима патеката што ја минува одредено време и ако нема место за паркирање, самостојно се враќа по истата линија. Господски и достоинствено.
Заштита на скапите тркала од гребење од рабник
Уште една функција што се вклучува како претплата на нетфликс е заштита на тркалата од гребење од рабник на тротоар. Ако тркало се приближи премногу до бетонот, се слуша предупредување. За тркала АМГ од 22 инчи што чинат преку 2.000 евра во германскиот ценовник, тоа секако е важна заштита.

Светла што фрлаат сноп долг 600 метри
Во новата ГЛЕ како опција се вградуваат дигитални светла со технологија микро-ЛЕД, со сопствен моќен процесор – и тие поврзани на МБ.ОС. Осветлената површина е за 40% поголема, заедно со посилно осветлување и позабележливи проекции на пораки врз патот.
Посебност е динамичното долго светло Ултра Рејнџ, што досега 600 метри. Тоа е приближно растојанието од Соборниот Храм до Силбо.
Понатаму, ГЛЕ може да следи свијок со полудолго светло, односно кон сообраќајот отспротива да пушта само соборени зраци. Тоа е од голема корист кога има недоволно осветлено возило напред на патот.

Оперативен систем Мерцедес-Бенц и вештачка интелигенција
Штутгарт го цени својот МБ.ОС како „паметен придружник, што размислува и се развива заедно со возачката или возачот.“ Суперкомпјутерот во ГЛЕ користи вештачка интелигенција нд Мајкрософт, моќни чипови и поврзан е со паметниот облак на МБ. Целиот софтвер се обновува исто како телефонот. Преку апликацијата МБ.АПП може да се вчитаат нови функции во возилото, било тие да се поврзани со навигацијата, со далечински команди или со заштита од кражба, со филмови, канцелариска работа или системи за асистенција и услуги за клиенти. Со ГЛЕ може да се зборува како со човек, и да се побара вклучување или исклучување одредени функции, од менување станица до прашања за временска прогноза.
Трите екрани на МБУКС Суперскрин се стандард, цел метар во екрани
Посебен свет е МБУКС, со преку 40 апликации што може да се вчитаат, и за играње, и за филмови, Дизни, Јутјуб, Рајдвју – што во возење се видливи за сите освен за возачот.
Првпат е достапна опција за проекциски дисплеј со унапредена реалност. Пораки и упатства за возачот се прикажуваат како да се во просторот, некаде напред, а всушност се проектираат слики на површина со пречник од 45,7 сантиметри.

Навигација што дава упатства преку слики што лебдат во просторот
Навигацијата во новиот ГЛЕ користи гугл мапи. Опција е унапредена реалност за МБУКС, со прикажување слики во живо за помош при возење во непрегледни услови во густ сообраќај, како и при престројување на автопат.
Телефонот како клуч
ГЛЕ може да се заклучи и отклучи преку телефонот, самостојно при приближување и одалечување.
ГЛЕ како паричник
Преку функцијата на Ин-Кар Пејмент може да се плаќа преку возилото, било да е тоа вињета или гледање филм во кабината. Камера открива кој е во возилото и нема потреба од внесување пин или посебно најавување. Цедлата наплата се врши преку услугата Мерцедес Пеј. Видео-конференции се лесна вежба за Мерцедесот.
Проѕирна хауба
Во комбинација со МБ Драјв Паркинг Асист 360 и при вклучена програма за терен, хаубата на ГЛЕ станува невидлива – целиот нос исчезнува. Се гледа просторот под и пред возилото, завртувањето на тркалата, за да се избегне камен на пат, длабоки ударни дупки или какви било пречки на теренот.
Дури и во бришачите има мерцедесовско
Посебна опција е Меџик Вижн Контрол, за најдетално чистење на ветробранот. Кога надвор е студено, но пак над нулата, по подолго притискање на копчето прво се пушта вода од загреваните прскалки во самите бришачи врз целиот ветробран, за нечистотиите прво да омекнат, па по 30 секунди да поминат метличките и делотворно да го исчистат стаклото.















