
Дигитализацијата беше голема тема кога Мерцедес-Бенц ја пушти новата генерација на ЦЛА, како свој прв модел каде што еден суперкомпјутер и еден софтвер се грижат за функционирањето на целиот автомобил. Предноста на новите генерации на т.н. софтверски дефинирани возила (СДВ) е во тоа што за разлика од стариот пристап, каде што секоја функционална група има свој „компјутер“ и свој „софтвер“, од контрола на светла, до контрола на мотор, тука се избегнува хаосот од кабли и процесори и можниот хаос од тоа, и сé функционира централно, што донесува сигурност, побрза работа, па и нови функции.
Меѓу тие нови функции секако се разните нивоа на самостојно, односно автономно возење. Конкретно Мерцедес-Бенц ЦЛА стандардно излегува од фабрика со МБ.ДРАЈВ, којшто содржи камера за знаци за брзинско ограничување, систем за задржување во лента, предупредување за стоп знаци и „црвен семафор“, следење мртов агол, предупредување, задна камера – вкупно 17 системи, од коишто дел се вклучуваат по принципот на претплата на „нетфликс“.
Тој појдовен систем може да се надгради со МБ.ДРАЈВ АСИСТ, којшто овозможува Мерцедес-Бенцот да управува самостојно на автопат, заедно со автоматско престројување, и којшто за ЦЛА чини 1.785 евра, според германскиот ценовник (исто и за ГЛА и ГЛБ). Опција што Штутгарт ја нуди бесплатно во својата серија компактни модели (ЦЛА, ГЛА, ГЛБ) е вградување по една камера во предните крила, што понатаму овозможува користење на системот што дозволува возилото да се движи самостојно и низ градска средина. Кај останатите моделски серии, овие камери веќе се вградени во возилото опремено со ДРАЈВ АСИСТ-от.
АСИСТ ПРО ќе може да се преземе во возилата опремени со стандардниот МБ.ДРАЈВ АСИСТ исто како што се презема апликација на мобилен
Тој систем се води како МБ.ДРАЈВ АСИСТ ПРО, развиен е во соработка со специјалистот НВидиа и ќе стане достапен во првото полугодие во 2027-ма. Возачките и возачите ќе можат да го вклучат системот исто како што се презема апликација на мобилен телефон, со вчитување на софтверот преку податочен облак и соодветно пуштање средства од банкарската сметка.
Цената уште не се наведува, се претпоставува дека тој систем ќе чини околу 3.500 евра. Истиот е веќе достапен во САД и во Кина, каде што законите околу возилата што се движат самостојно се послободни. Тоа се смени во Европа, откако во јуни беше донесена соодветната УНЕЦЕ-регулатива.
Покрај ЦЛА и новиот електричен ГЛЦ, останати моделски серии на Мерцедес-Бенц за коишто е достапен МБ.ДРАЈВ АСИСТ ПРО, се С-Класа од јануари 2026 година наваму, фејслифтите на ГЛЕ и ГЛС и Е Ку С. Сите тие располагаат со по 10 надворешни камери, 5 радарски сензори, оперативен систем МБ.ОС и можност за ОТА-вчитување нов софтвер.
Тоа што го ветува Мерцедес-Бенц е вистинско и целосно автоматско возење од поаѓање до одредиштето, во град. Посебно се напоменува дека системот е способен и за сложени услови на густ градски сообраќај.
Кога Мерцедес-Бенц ќе го постави софтверот на сервер, ќе ги извести сопствениците на возилата што се опремени соодветно, за „преку ноќ“ да ја добијат новата функција на автоматско возење во град.
Се поставува навигацијата, се притиска копче на воланот, и возењето се одвива самостојно
МБ.ДРАЈВ АСИСТ и досега служеше за возачките и возачите да ги минат здодевните и секојдневни рутини на автопат порелаксирано, препуштајќи возилото да го мине патот самостојно. Со новата функција на АСИСТ ПРО, самостојното возење наскоро нема да завршува штом се напушти автопатот, туку ќе продолжи и низ град, сé до одредиштето.
Престројување, престигнување, свртување на крстосница, сопирање, запирање и поаѓање од семафор, сето тоа го врши МБ.АСИСТ ДРАЈВ ПРО.
Планот е Мерцедес-Бенц кон завршетокот на годинава да им испрати порака на сопствениците на соодветно опремени возила во Штутгарт и Минхен, за тие да учествуваат во завршното тестирање, пред масовното пуштање на системот во примена в година.
Систем со 27 сензори, од кои 10 камери, пет радарски сензори и 12 ултразвучни сезнори
Овој систем од 27 сензори испраќа податоци до суперкомпјутер, што може да обработи 254 ТОП-ови. Тоа се 254 тера операции во секунда, однсоно 254 билиони пресметки во секунда. МБ.ДРАЈВ АСИСТ ПРО ги поврзува сопствениот мерцедесов оперативен систем МБ.ОС со хардверот и софтверот на Нвидиа Хајперион, со безбедносен систем Халос и со софтвер Алпамајо, за да се извршат овие сложени функции.
Во системот за самостојно возење од Ниво 2 според САЕ, возачките и возачите мора одговорно да внимаваат на сообраќајот и да бидат подготвени да ја преземат контролата во секое време.














