Деновиве во вестите често се спомнува бројка од 2,1 милиони евра. Таа сума народни пари може да се потроши на најразличен начин, било за забава, било да се помогне некое производство и создавање дополнителна вредност, или можеби за здравство, образование, филмови, квизови, земјоделство, пчеларство, јасно е дека многу нешта може да се постигнат со толкава сума.
Но, во овие содржини се важни автомобилите и автомобилизмот. Затоа, прашањето е, што може да се постигне со 2,1 милиони евра во корист на автомобилизмот. А, тој зафаќа во бројни сфери, не се работи само за избегнување на брзинските радари и камери, за зачадување на градските средини каде што отворање прозорец одамна е лоша идеја или за довлечкување тешка „милионерска“ лимузина од германските авто отпади, за глумење аристокрација пред слаткарница и обложувалница. Автомобилизмот повеќе зафаќа во сериозни теми.
Субвенционирањето на електричните автомобили уште е тема на којашто тукашните властодршци од најразлична провениенција уште немаат стигнато да расправаат, поради зафатеност. Тоа во меѓувреме се теми на коишто дури и сите до една земја во непосредното и поблиско соседство, уште одамна имаат расправано, за тоа денес да им биде редовна точка на дневниот ред.
Што би се постигнало ако 2,1 милиони евра бидат наменети да се трошат на потпомагање за народот да купи електрично возило? Три илјади евра би биле звучен поттик, за купувачи намерници по ново возило да размислат дали сепак би прешле на електричен погон, место на бензин или дизел. Кога ќе се направи проста математика, се добива бројката дека на 700 возачки и возачи ќе им се олесни решавањето за преоѓање на погон на струја.
Во меѓувреме, кога цените на горивата се високо и тешко дека некогаш повторно ќе паднат, не е потребно многу убедување поколу електричните возила, кусо ЕВ.
Покрај пазар од реално околу 7.000 нови автомобили, и патнички и доставни, на годишно ниво, тоа значи дека ќе се постигне секој десетти нов автомобил во земјава да биде електричен.
Кога властодршците би извежбале да размислуваат во таа насока, можеби уште некоја сума ќе се потроши за да се воспостави производство на полначи за електрични возила во земјава, и секако, да се вложи во производство на енергија од обновливи извори, но не во корист и интерес на „трте и мрте“, туку вистински и чесно во корист на народот.
Можеби тогаш и некој повешт економист ќе пресмета и ќе им каже каква е користа кога една држава го намалува увозот на нафта и место тоа почнува самостојно да произведува „енергенс“, струја за државата да вози и да се движи.
Но, како што слични намери немаат успеано на овие простори уште од 2001-ва наваму, секакво размислување во добра насока веднаш го губи залетот, уште кусо по почетниот ентузијазам. Затоа, 2,1 милиони евра, што ваму, што таму, пак ќе си завршуваат во „воздух“.
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)














