„Шпециаланфертигунг“ е името на овој Мерцедес и веќе е распродаден

Мерцедес-АМГ додаде уште едно бензинско чедо во својата серија митски модели, во форма на ЦЛЕ со моќен 8-цилиндарец, што ќе се изработи во неколку примероци и спојлери му стрчат на сите страни.

Шпециаланфертигунг означува модел со посебна изработка

Луксузната спортска марка на Мерцедес-Бенц во последно време го привлекува вниманието со неколку електрични модели со исклучителна моќност, но љубовта во Афалтербах и натаму е насочена кон бензинците.

Најновиот автомобил од Афалтербах, на 20 километри од Штутгарт, каде што се наоѓа седиштето на Мерцедес-АМГ, личи точно како производ од луѓе што некое време биле посветени да работат на електрични автомобили, затоа што Мерцедес мора да се докажува и таму, на коишто шефот ненадејно им соопштил од врата: „А, сега направете бензинец најдобро што умеете и можете!“

Појдовната основа одвај се препознава во овој производ што се води како Мерцедес-АМГ ЦЛЕ 646 Шпециаланфертигунг. Германците во соопштението за јавност порачуваат: „Купе со високи перформанси за врвна динамика во возењето.“ Да нема двоумење за каков автомобил се работи. Секако дека овој модел, член на митското-семејство на Штутгарт, ќе биде изработен во само неколку примероци.

„Шпециаланфертигунг“ е сменет сé до таму, до каде што дозволуваат законите. Над тоа, овој ЦЛЕ 646 не би можел да се регистрира за јавен сообраќај. Овој автомобил во основа е машина што е создадена за врвни достигнувња на тркачка патека, единствено ја има таа предност што може да се вози до таму, место да се качува на приколка.

Пошироко и полесно, класика

Како основа послужи АМГ ЦЛЕ 53 Купе, но од тоа е тргнато угоре во сите подрачја. Каросеријата е проширена 60 милиметри. Додадени се бројни зајакнувања, секако заедно со вградениот заштитен кафез внатре, со цел да се постигне врвна крутост и задржување на геометријата на подвозјето при екстремно оптоварување.

Крилата се проширени со карбонски додатоци, во нив се изработени отвори за проверување. Браникот секако дека е сменет целосно, со големи отвори, па дури и предните крила се изрежени за да се донесе воздух. Напред на хаубата е изработена „уста“ што обезбедува воздух за моторот да дише.

Сето тоа е изработено од карбон, вклучувајќи го покривот и задниот браник со моќен дифузор, а понатаму, зајакнатата врата на багажникот, и задниот спојлер што стои на два трапезни „столбови“ и се нагодува рачно.

Задните прозорци и задното стакло се изработени од поликарбонат. Како краен резултат од овие мерки, се добива заштеда во тежината од 170 килограми. Но, тоа пак не значи дека овој „646“ е од лесна категорија. Се работи за возило од 1,9 тон.

Во огромниот простор под крилата се сместени ковани тркала од 20 инчи, со изглед што е ексклузивен за Шпециаланфертигунг, со гуми 305/30 напред и 335/30 назад.

Ваквата појава е заокружена со единствена двобојна комбинација. Од носот до средните столбови, купето е лакирано во мат мохаве-сребрена боја, додека назад продолжува црна боја, исто така мат. На двете врати се наоѓа грбот на АМГ.

За каросеријата да се залепи за земја, напред е вградено навојно подвозје, што го спушта носот за 22 милиметри, додека назад се одземени 16 милиметри. Сите спојлери заедно можат да произведат притисок од 250 килограми, за ЦЛЕ да остане на земја. Предниот спојлер се мести во два степени.

Осумцилиндарец на местото на шестцилиндарецот

Под хаубата владее сосем друг свет. Место 6-цилиндарецот и погонот на сите тркала, тука работи четирилитарски Ве-8 битурбо, со „рамно“ коленесто вратило и со стартер-генератор, што ја впрегнува задната оска.

Бројката 646 во ознаката се однесува на моќноста. Претставата за неа ја дополнува податокот за вртежен момент од 850 њунтметри, од 2.500 до 4.500 вртежи. Уделот на електромоторот во благиот хибриден погон е незначителен, со 23-те КС, но добро се наоѓаат неговите 205 њутнметри екстра.

Скапоцениот издувен систем е изработен од титаниумска легура и секако дека се грижи за соодветен звук. Преносот на сила е преку АМГ-Спидшифт ТЦТ 9Г, прочуен по неговото додавање меѓугас при префрлување по понизок степен. За моќта да се пренесе сигурно, возачот што е свесен за неа, може да избира неколку степени на контрола на тракцијата, па и да ја исклучи. Се надоврзува и електронски регулирана блокада на диференцијалот.

Со вклучување на програмата за брз старт, спринтот до темпо сто трае 3,9 секунди. Ако се продолжи, следната стотка паѓа по 11,4 секунди од стартот. Крајната брзина е ограничена на 310 километри на час.

Со оваа брзина одговараат и карбон-керамичките предни дискови од 42 сантметри, во коишто зафаќаат шестклипни сопирачки клешти. Задните дискови не заостануваат многу со 36-те сантиметри. Клештите се лакирани во златна боја.

Нема место за задна клупа

ЦЛЕ 646 е конструиран како двосед. Се седи во тркачки школки, од карбон, со ремени со шест точки. Изолацијата е тргната, радиото е бесмислено, исто како и сите ставки што инаку служат за удобно патување. Отсуствуваат и системи за асистенција, така што малку копчиња се останати. Површините се обложени главно со карбон и микрофибер.

Целата серија е распродадена однапред

Со серијата во 30 примероци, Шпециаланфертигунг е достоен на името, што значи „посебна изработка“. Цените не се објавуваат, а нема ниту потреба, затоа што сé е распродадено уште пред светот да дознае за постоењето на овој автомобил.

Познавачите веќе насетуваат дека штом под хаубата собира осумцилиндарец, наскоро би можел да се појави ЦЛЕ 63 АМГ.

Претходна објаваКина со цел 70% од продажбата да бидат електрични автомобили во 2030 година
Следна објаваШведска си го поддотера Волвото, малку шминка, повеќе безбедност