
Кинеските производители на автомобили брзо се шират низ Европа, но некои дилери се жалат дека не можат да си ги наплатат побарувањата за средствата што тие ги вложуваат за да ја зголемат продажбата.
Дилерите на Шаопенг и БИД во Германија кажуваат дека со месеци чекаат да им бидат префрлени парите што им ги должат производителите на автомобили. Во некои случаи, долговите достигаат и неколку стотици илјади евра.
Овие поплаки се случуваат во време кога двете марки постигнуваат силен раст во продажбата во Германија. БИД во првите седум месеци од 2026 година ја зголеми продажбата четирикратно, додека Шаопенг бележи трикратен раст.
„Практиката на плаќање на Шаопенг е ужас,“ кажува германски дилер што не сака да биде именуван. „Во некои случаи, чекавме повеќе од шест месеци за договорни плаќања, вклучувајќи попусти за лизинг и бонуси на квартално ниво.“
Дилерот наведува дека Шаопенг должи неколку стотици илјади евра по локација, за неподмирени побарувања. Германски Аутомобилвохе имаше увид во книговодствената документација за да се увери.
„Ние сме ликвидни и сакаме да остане така“, кажува дилерот. „Не можеме да прифатиме долговите да се влечат со месеци.“
Слични проблеми потврдија и други партнери на Шаопенг.
Практиките на исплата на БИД „заостануваат зад ривалските марки“
Проблемот важи и за БИД, потрвдуваат дилерите. Андреас Книп, претседател на здружението што ги претставува партнерите на БИД во Германија, кажува дека практиката на исплата на кинескиот производител на автомобили заостанува зад тоа што дилерите го имаат искусено со останатите марки.
„Шестцифрени суми не се исклучок,“ вели Книп.
Друг дилер ги објаснува работите појасно: „Туркањето на автомобилите на пазарот и потоа закопување на главата во песок не е доволно.“
Некои дилери се сомневаат дека проблемите не се само од административна природа.
Кина лани побара производителите на автомобили да им плаќаат на своите добавувачи во рок од 60 денови, откако се појави загриженост поради практиката на плаќање во автомобилската индустрија. Според објавата на германската национална телевизија АРД, добавувачите на Шаопенг се меѓу тие што чекаат најдолго.
„Постојат сомнежи дека Шаопенг намерно ги одолговлекува плаќањата колку е можно повеќе,“ напоменува германксиот дилер. „Производителот на автомобили ја искористува ликвидноста на своите дилери.“
Од Шаопенг соооштуваат дека причина за доцнењето е зголемената продажба
Шаопенг ја гледа причината за доцнењето во наглиот раст во продажбата во Германија.
„Тоа предизвика значително зголемување на обемот на работа. и за жал, соодветно подолго времетраење на книжењето во одделни случаи,“ објаснува претставник на компанијата. Шаопенг жалат за доцнењето и работат на надминување на проблемот.
Компанијата привремено вработила нов персонал во својата централа во Минхен и ги сменила интерните процеси, вклучувајќи смалување на рачната обработка, заради забрзување на плаќањата.
БИД се чини дека исто така вложува напори во таа насока. Книп кажува дека сметки што се во вредност од неколку илјади евра мора да поминат низ девет постапки на одобрување, а дел од нив се вршат во Кина.
„БИД има одредена недоверба во своите деловни партнери и внимателно проверува сé“, посочува Книп. Дури и дилери со долга традиција, мора да чекаат со недели или месеци за мали плаќања.
Книп вели дека ситуацијата сепак се подобрила од пред извесно време. Централата на БИД во Германија ја забрзала фреквенцијата на исплати и вовела промени за да ги забрза одобрувањата во Кина.
Ларс Биалковски, директор на БИД во Германија, кажува дека компанијата ставила приоритет на проширувањето на своите административни и финансиски процеси.
Продавањето кинески автомобили е „само дел од предизвикот“
Проблемите со наплатата се случуваат во чувствителни времиња. Шаопенг и БИД нагло се шират во Германија, додека традицоналните марки губат. БИД до јули регистирал 31.492 нови возила во Германија, што е за 323% над ланскиот резултат. Кај Шаопенг се 4.610 возила, и тоа е раст од 246 проценти.
За кинеските марки да го задржат овој залет, неопходно е ширење на нивната дилерска мрежа. Примерот со Полстар и Нио покажа дека потпирањето врз директна продажба не е најделотворен начин.
Доколку дилерите подзабават со експанзијата, некои од таргетите ќе бидат пропуштени.
Шаопенг и БИД се убедени дека ќе ги исполнат своите цели за проширување. Некои дилери сепак се претпазливи. „Ние всушност сакавме да се шириме со Шаопенг,“ наведува еден партнер. „Тие планови се ставени во мирување до следно. Бараме други марки како алтернатива.“
Поплаките од дилерите укажуваат на слабоста што може да ја попречи брзата експанзија на кинеските производители во Европа. Да се продадат повеќе автомобили е само еден дел од предизвикот. Потребно е да се гради финансиска и административна мрежа, што ќе го помагаат ширењето на дилерите.














