Како што објави германскиот економски дневник Виртсшафсвохе, производителот на спортски автомобили од Штутгарт ќе го запре производството на електричниот Тајкан во 2030 година.
Влијателниот германски дневник во објавата се повика на спогодбата меѓу управата и работничкиот совет, којашто досега не е соопштена во јавност.
Тајкан важи како електричен пулен на Порше. Но, продажбата на моделот почна да опаѓа и погоните во матичната фабрика во Цуфенхаузен работат со намален капацитет. Во изминатите месеци, продукцијата на Тајкан повеќепати беше запирана.
Според Виртшафтсвохе, се разговарало и за брзо згаснување на моделот, како и за преселување на производството во Лајпцих. Сепак е решено да продолжи производството во Штутгарт, но само до 2030 година. Тоа значи дека Порше нема да развива втора генерација од овој модел.
Новиот шеф на Порше, Михаел Лајтерс, уште кон завршетокот на јули изјави за Франкфуртер Алгемајнен Цајтунг, дека не се планира запирање на производството на Тајкан во видно време. Единствено доаѓа предвид да се скуси разновидноста од моделски изведби и на тој начин да се поедностави производството.
Порше балансира меѓу мотори со внатрешно согорување и електромотори
Тајкан е првиот електричен модел на Порше и почна да се произведува во 2019 година. Веќе неколку месеци кружат гласини дека двата модели со четири врати, Тајкан и Панамера, ќе бидат заменети со единечен модел. Во таков случај, тој ќе се нуди со мотори со внатрешно согорување, како приклучен хибрид и како целосно електричен модел.
Во 2022 година, штутгартската марка планираше уделот на електрични модели во продажбата да го зголеми на 80 проценти до 2030 година. Две години подоцна следеше вториот електричен модел, Макан Електрик.
Порше во меѓувреме ги намали своите планови за електричните модели. Макан исто така ќе се нуди повторно со мотори со внатрешно согорување.
Порше ќе го пресметува данокот за ЦО2 со кинески Шаопенг, засебно од Фолксваген















