Порше ќе го пресметува данокот за ЦО2 со кинески Шаопенг, засебно од Фолксваген

Порше ќе ги пресметува своите емисии на ЦО2 за 2026-27 година со Шаопенг, кинески производител што тесно соработува со матичниот концерн каде што припаѓа производителот на спортски автомобили, групацијата Фолксваген.

Порше Макан ГТС Електрик; Продажбата на електричниот Макан во Европа е опадната за 30% во првото полугодие

Со овој чекор, што прв го најави аналитичарот Матијас Шмит, Порше ќе го напушти пулот за емисија на ЦО2 на групацијата Фолксваген и ќе се здружи со Шаопенг, што на пазарот во Европа нуди само целосно електрични автомобили.

Тоа ќе ѝ олесни на групацијата Фолксваген да ги исполни границите за емисија на ЦО2, откако тоа не ѝ успеа во 2025 година, кога просечната емисија на ЦО2 од сите свои продадени возила ѝ изнесуваше 100 грами на километар. Наспроти тоа, ЕУ ја одреди границата на 93,6 грами ЦО2 на километар. Групацијата мора драстично да ја спушти емисијата во 2026 и 2027 година за да не ѝ плаќа милионски казни на ЕУ.

Директорот за финансии на групацијата Фолксваген, Арно Антлиц, изјави во мај дека производителот на автомобили може да се соочи со казна во висина од вкупно 1,5 милијарда долари, доколку не ја спушти својата емисија под границата на ЕУ за периодот од 2025 до 2027 година.

Според Антлиц, компанијата проценила дека пеналите кон ЕУ ќе се движат во висина од 400 до 500 милиони евра на годишно ниво, во посочениот период.

„Имајќи ги предвид непредвидливите и нестабилни пазарни услови, посебно во поглед на електричните автомобили, и натаму е голем предизвикот да се постигнат целите,“ соопшти групацијата Фолксваген во деловниот извештај за 2025 година.

Со префрлувањето на возила со мотори со внатрешно согорување и со ослабнатата продажба на електричните модели, каков што е Тајкан, Порше ќе биде голем товар за емисиите на групацијата Фолксваген. До јуни, продажбата на Тајкан во Европа е во пад од 20 проценти, додека пазарот на електричниот Макан забележа пад од 30 проценти. Единствено е зголемена продажбата на електричниот Кајен, но волуменот е мал.

Просечната емисија на ЦО2 на продадените возила на Порше до јуни изнесува 130,2 грами на километар, што е за 9,8 проценти над вредноста во истиот период лани, кога просекот изнесуваше 118,5 грами.

Кинескиот производител Шаопенг до јуни ја зголеми својата продажба во Европа за 126 проценти, со околу 19.000 возила.

Откако ЕУ започна со построго спуштање на границата за емисијата на ЦО2 во 2020 година, производителите на автомобили почнаа масовно да се здружуваат во т.н. емисиски пулови, со производители што постигнуваат висок удел на електрични автомобили во својата продажба или продаваат единствено ЕВ, како Тесла или Полстар. Целта е на тој начин да го спуштат просекот и да бидат поштедени од високите казни на ЕУ, што браншата би ја чинеле неколку милијарди евра.

На произвоидителите им е поевтино да платат за пул, место да плаќаат казни

Експертите објаснуваат дека на производителите на автомобили им е поевтино да платат за да влезат во пул. Колку таа услуга ја наплаќаат производителите со ниска или нулта ЦО2, што се јадро на овие пулови, не е познато во јавноста. Тесла, на пример, во изминатите години заработи милијарди од примање други производители во својот пул во Европа, но и од продажба на ЦО2 кредити во Северна Америка.

Производителите можат да се здружат во пулови до завршетокот на календарската година, односно во случајов до 31-ви декември 2026. Пулот на Порше со Шаопенг, со којшто ќе управува Порше и важи за 2026 и 2027 година, објавен е во документ на ЕУ од 5-ти август. Се работи за отворен пул, што значи дека и други производители може да се придружат.

Други отворени пулови за 2026 година се оној на Тесла, каде што влегуваат Форд, Хонда, Мазда и Сузуки, како и на Мерцедес-Бенц, каде што спаѓаат Волво, Полстар и Смарт.

Тековните граници за емисијата на ЦО2 на ЕУ за периодот 2025-2027, што се одредуваат различно од еден до друг производител, пониски се за 15 проценти во споредба со границите за 2021 година. За надминување на границата, производителите се казнуваат со 95 евра за секој грам над границата, за секој автомобил посебно.

Групацијата Фолксваген откупи 5 проценти од акциите на Шаопенг во 2023 година, за да пристапи до софтверот и вештачката интелигенција на Кинезите. Оттогаш заеднички се развиваат модели за Кина. Двата производители се во преговори за Шаопенг да преземе една од фабриките на Фолксваген во Европа.

Претходна објаваШпанија ќе им дозволи на Кинезите да градат фабрика за автомобили
Следна објаваЏагјуар преку внатрешноста најавува дека Тајп 01 ќе биде различен автомобил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here