По престижниот Кански филмски фестивал, по британската Бафта, Цезар, фестивалот на комедијата во Алп д’Уез, германската Лола, Пежо објави дека настапува во улога на главен автомобилски спонзор и на Венецијанскиот филмски фестивал. Овој ангажман е дел од проектот што францускиот производител го води како „Пежо оди на филмови“.
Пежо стана официјален автомобилски партнер на Венецијанскиот филмски фестивал, најстар во светот, што во своето 83-то издание ќе се одржува од 2-ри до 12-ти септември 2026 година.
Според маркетингот на марката со лавот, Пежо со ова силно присуство во светот на филмот ги нагласува креативноста и елеганцијата, што претставуваат неразделен дел од имиџот на марката.
Филмскиот спектакл во Венеција, познат како „мостра“, се одликува со престижот што го зрачи, со уметничките вредности, како сцена што опфаќа филмови од цел свет. Венеција беше сцена на којашто во 2001 година беше прикажан Прашина на Милчо Манчевски, на самото отворање на фестивалот, а лани таму имаше премиера и Приказната за Силјан, на Тамара Котевска.
Договорот на Пежо со Италијанците важи до 2028 година.
Дел од поддршката опфаќа и обезбедување возен парк за актерите, режисерите, личности со светско име и новите таленти. Пежо ќе испорача 40 возила за превоз до Лидо.
Пежо ќе биде видлив насекаде за време на Мострата, вклучувајќи ги возилата што постојано ќе циркулираат покрај црвениот тепих и изложување на концептот Полигон пред Палацо дел Синема. Овој автомобил е претходница за новата генерација на Пежо 208.
Затоа, во септември нема да биде изненадување кога Пежо ќе се гледа на сите објави на друштвените мрежи што ќе известуваат за настанот. Секако дека ова силно присуство ќе допира и до туристите и до локалната публика.
















