Марката Мерцедес-Бенц одбележува стогодишнина, откако на 28-ми и 29-ти јуни 1926 година е основан тогашниот Дајмлер-Бенц АГ. Важен чин е регистрацијата на заштитниот знак на 21-ви август 1926 година. Основа е ѕвездата на Дајмлер-Моторен-Гезелшафт (ДМГ), опкружена со ловоровиот венец на Бенц & Цие. со впишани имиња Мерцедес и Бенц. Денешните модели на Мерцедес-Бенц го носат истиот знак. Тој се вбројува меѓу најпрепозналивите обележја на марка во целиот свет.
Како службен датум за спојувањето на двете компании се води 1-ви јануари 1926 година. Подготовките за големото спојување почнуваат уште во 1924 година. Прв чекор е заштита на името Мерцедес-Бенц во Бирото за патенти на 25-ти април 1925 година.
Една година подоцна, новата компанија ги почитува заслугите на двата пронаоѓачи, Карл Бенц и Готлиб Дајлмер. Бенц во 1886 година го патентира првото моторно возило во светот, коешто има три тркала.
Во истата година, Дајмлер го конструира својот автомобил со четири тркала. Така пред 140 години започнува долгата историја на автомобилизмот и на денешниот Мерцедес-Бенц.
Се раѓа новата ѕвезда
Марката уште од почетокот се издвoјува со техничкото ниво, со квалитетот, издржливоста и иновативноста. Мерцедес-Бенц веднаш поаѓа во моделска офанзива и на салонот во Берлин, на Берлинер Аутомобил-Аусштелунг, што се одржува од 29-ти октомври до 7-ми ноември, ги прикажува своите модели пред одушевената јавност. Возилата на Бенц и Дајмлер првпат се појавуваат под заедничка марка и во заедничка компанија. Светот првпат ги гледа Мерцедес-Бенц 8/38 ПС (В 02) и 12/55 ПС (В 03).

Ексклузивните спортски автомобили имаат долга традиција
Во Берлин е прикажан и Модел К. По успесите на овој тркачки автомобил на натпреварите, тој служи како основа, за во април 1927 година од него да се изведе врвен спортски модел за приватни корисници.
На салонот се појавуваат и новите товарни возила на Мерцедес-Бенц, меѓу кои камионите Л 1, Л 2 и Л 5, со бројки што ја означуваат носивоста во тони. Премиера имаат и нископодните шасии Н 1 и Н2, како и НЈ 5, што служи како платформа за автобуси и камиони со рамен нос.

Имиџот се создава уште од почеток
Марката Мерцедес-Бенц уште оттогаш означува напредна техника, врвен квалитет, впечатлив дизајн и иновација. Во 1950-те години, германската марка силно се насочува кон извоз, и стекнува углед на сите континенти.
Во следните две децении, Мерцедес-Бенц се развива во насока на престиж (С-Класа, „600“), комфор и напредок, посебно во безбедноста. Осумдесетите години минуваат во знак на освојување нови сегменти (Мерцедес 190) на пазарот и настап во цел свет како единствен пазар.

Со влегувањето во новиот милениум, Мерцедес-Бенц внесува системи за асистенција и модерен дизајн, за денес да се придружат електричниот погон, дигитализацијата и одржливоста, како надградба на историските гени.
















