Неколку недели пред официјалното претставување, Шкода објави скици што детално го прикажуваат изгледот на новиот Пик.
Новиот модел на чешката марка досега се појавуваше на сцената само делумно. Прво беше соопштено името: Пик ќе биде најголемиот модел во понудата од електрични автомобили на Шкода.
Светската премиера на важниот новитет на Шкода е закажана за 23-ти јуни. Настанот ќе започне во 18.25 часот, во француското гратче Монетје-Морне во близина на границата со Швајцарија.
Пик е првиот електричен СУВ со седум седишта во целиот концерн Фолксваген, на европска почва. Шкода го осмисли моделот првенствено како семејно возило.
Прв електричен седумсед за Европа
Изгледот на Шкода Пик го следи тековниот дизајнерски правец Модерно Солидно. Дизајнерите користат прецизни линии и чисти, мазни површини, со што големиот СУВ постигнува педантна и ненападна појава.
Тенките предни светла се изведени во форма на Т, со дизајн што првпат беше применет кај малечкиот Епик. Кај седумседот, вертикалниот дел од светлата се состои од повеќе сегменти. Меѓу нив се протега црн појас, што Шкода го води како Тек-Дек-Фејс. Сензорите и останатите компоненти се сокриени под мазниот панел.
Главниот впечаток го создаваат хоризонталните линии во носот, нагласувајќи ја ширината на каросеријата. Наспроти тоа, долната половина од предниот браник е изведена повпечатливо и треба да потсетува на вулканска купола.
Најголемиот СУВ на Шкода досега
Масивноста на новиот модел јасно се прикажува отстрана. Пик ќе биде долг околу 4,9 метри и со тоа ќе го надрасне Кодијак, како најголем СУВ на Шкода досега.
На скиците се забележува дека појасот е висок и задните столбови се широки. Мазните површини оддаваат смиреност. На цртежите не се гледаат рачките на вратите, но тие веројатно ќе бидат вовлечени во линија со каросеријата.
Опашот го следи стилот на предницата. Светлата и тука се изведени во форма на Т. Намерата на дизајнерите е возилото да биде препознатливо од секој агол. Задниот дел во целина изгледа мошне хармонично, без да се издвојуваат детали.

Три погонски изведби
Техничката основа за Пик е усовршената електрична платформа што концернот Фолксваген ја користи за своите модели. Познато е дека за седумедот ќе се нудат три варијанти на погон. Основниот модел со електромотор од 150 кВ/204 КС има заден погон и батерија од 63 кВч. Над него следат Пик 90 и Пик 90 Икс, со батерија од 91 кВч. Најсилната изведба дополнително поседува електромотор напред и со тоа вози со погон на сите тркала.
За поголемата батерија се наведува досег од преку 600 километри. На брз полнач, Епик ќе може да црпи енергија со најмногу 200 киловати. Тоа значи дека батеријата ќе се наполни од 10 на 80 проценти за помалку од 30 минути.

Пик беше најавен уште во 2022 година, преку студијата Вижн 7С. Повеќето од дизајнерските елементи во студијата ќе бидат пренесени и во серискиот модел. Тоа се однесува на тенките светла, чистите површини и минималистичкиот дизајн. Задните врати што се отвораат наназад, како во студијата, сепак не се преземени во серискиот Пик.
















