Мерцедес ГЛБ · За секој ден и за секаде, секогаш Мерцедес

Втора премиера во Мак Аутостар, на модел што е дел од големата офанзива на Мерцедес-Бенц во својата 140-годишнина. Новиот ГЛБ е речиси како нова класа во споредба со претходникот.

Мерцедес-Бенц ЦЛА беше првиот модел што стартуваше со продажба на македонскиот пазар, во силниот наплив од 40 нови и освежени модели, што Штутгарт има план да ги пушти до 2027 година. Поводот е голем: 140 години од првиот автомобил во историјата. ГЛБ ја дели истата техника со купе-лимузината, со клучната разлика што е СУВ.

ГЛБ во оваа генерација несомнено ќе има поголемо присуство во пазарниот настап на Мерцедес-Бенц во споредба со претходникот. Тоа нема да се должи само на сменетиот стил, по пример на купе-лимузината ЦЛА, туку и на технологијата што ја воведува СУВ-моделот од компактната класа на Германците.

Исто како кај ЦЛА, платформата е ММА, односно платформа наменета за модели од основата на понудата на Мерцедес-Бенц, развиена во изведба за благ хибриден погон и за целосно електричен погон.

На македонскиот пазар е сосем извесно дека продажбата речиси целосно ќе ѝ припадне на хибридната изведба, но не треба да се исклучи изненадување, па електричниот ГЛБ да постигне пристоен удел.

ММА повеќе го означува технолошкиот скок во тоа што браншата го води како софтверски дефинирани возила, односно СДВ. Тоа е сосем нов пристап во развојот на еден модел, а суштината е во тоа што, место неколку дузини компјутери, што засебно управуваат со работата на бројни системи во возилото, од вклучување светла при мрак, преку систем за следење лента, до запирање при пешак или велосипедист на пат, кај ММА е главен еден суперкомпјутер.

Тоа овозможува многу полесно соединување на една со друга функција, поиздржани системи за асистенција и за безбедност, но овозможува и примена на вештачка интелигенција, дигитализација, онлајн-услуги, вчитување нов софтвер од подточен облак – и најважното, чувствителноста на елеткрониката на грешки се сведува на најмала можна мера.

ГЛБ изгледа многу поскладно во новата генерација

Изгледот и натаму презема обележја од Г-Класа, иако треба малку повеќе труд за тоа да се препознае, но оцената е дека ГЛБ навистина изгледа свежо, достојно и вредно за премиум марка.

Во споредба со претходната генерација, ГЛБ порасна за близу 100 милиметри, на 4.732 милиметри, во ширина доби +27 милиметри, во висина изгуби 14 милиметри, додека во меѓуоскиното растојание има 60 милиметри повеќе. Багажникот располага со зафатнина од 540 литри.

Значително е порасната кабината, во сите правци, а најмногу во висината на просторот за глава и во 68-те милиметри простор за колена на задната клупа. Како и претходно, ГЛБ се нуди и во изведба со седум седишта. За таа цел, задните врати се пошироки.

Опременоста е лускузна, интересни се дигиталните опции, како канали на кабелска

Панорамскиот покрив е стандард, исто како електрично отворање на багажникот, осветлена рамка на маската, тркала од лесен метал од 18 инчи, кожен спортски волан, инфо-забавен систем МБУКС, бројни системи за асистенција.

Понудата од погонски единици се сведува на 1,5-литарски мотор, во три степени на моќност, со 136, 163 или 190 КС. Благиот хибриден погон е изведен со електромотор што е вграден во 8-степениот менувач со двојна спојка, со моќност од 22 киловати, во комбинација со батерија од 1,3 кВч.

Од бројните опции, се нудат задна клупа што лизга 140 милиметри, пакет со амбиентално осветлување, пристап без клуч, дигитален клуч, безжичен полнач и потпирач за рака назад, понатаму суперскрин со три екрани, проекциски дисплеј, аудио систем Бурместер, активни амортизери со комфорна и спортска спортска прогама, и уште бројни ставки.

Побарувачката за новите „компакти“ на Мерцедес-Бенц на македонскиот пазар е одлична. Првата нарачка за ЦЛА веќе си доби сопственици, тој интерес е можно да се засили со новиот СУВ.

Претходна објаваФолксваген Т-Рок · Тест · Гран туризмо од народска марка
Следна објаваПежо потврди три нови модели од фабриката во Милуз за 2029 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here