
Возачките и возачите на Дукати од цел свет се подготвуваат во сабота, на 9-ти мај 2026 година, точно во 9.00 часот, да ги збрмчат своите мотори, на собири што се водат под мотото #WeRideAsOne. Италијанската марка ги повика Дукатистите од цел свет на собири на коишто ќе се прославува припадноста на големото семејство на Дукати.
Македонските Дукатисти ги очекува уште еден голем настан, викендов на 9-ти мај. По ланското отворање на престижниот салон на Дукати во рамките на Мак Аутостар, со што стана видливо посебното место на марката од Борго Пангале во светот на мотоциклите и надвор од него, и пуштањето во работа на сервисниот центар каков што не е виден на овие простори, во престојнава сабота се одржува собир на домашните Дукатисти. А, тој е дел од светскиот собир.
Италијанската марка годинава одбележува цел век, откако Антонио Кавалиери Дукати и неговите три синови, Адриано, Марчело и Бруно, во 1926 година во Болоња ја основаа Сосиета Сиентифика Радиобревети Дукати. Од почетокот на годинава, Дукати организираше повеќе настани со коишто ја анимираше заедницата околу својата марка.
Престојниот собир, што на 9-ти мај се одржува под мотото #WeRideAsOne, Возиме Како Едно, претставува завршница на подготовките за историскиот настан во чест на 100-годишнината од основањето на Дукати. Собирот за World Ducati Week 2026, Светската Недела на Дукати, во оваа важна година започнува на 3-ти јули, на патеката Марко Симончели во Мизано, и ќе трае во следните два денови. Датумите се совпаѓаат со 4-ти јули 1926 година, денот на основањето на италијанската марка.
Меѓу седумдесетината држави ширум светот, што на 9-ти мај официјално учествуваат во најмасовниот собир на заедницата, пред завршната прослава во Мизано, секако се вбројува и Македонија.
Домашните Дукатисти со собирањето пред салонот на марката во Скопје, каде што е воедно и седиштето на официјалниот клуб на Дукати во Македонија, точно во 9.00 часот ќе ги стартуваат своите мотоцикли во исто време со нивните колеги во Берлин, Леман, Токио, Милано, Лондон, Шангај, Сиднеј, Њу Делхи, Банкок, Тајпеи, Феникс, Сан Франциско, Сао Пауло, Цирих, Загреб, Виена, Букурешт, Белград, Богота, Сантијаго де Чиле, Софија, Варшава, Кејп Таун и уште бројни градови.
„Страст што надминува граници, временски зони и растојанија“
Стартувањето во исто време има цел. Дукати во најавата за настанот порачува дека тоа е „страст што надминува граници, временски зони и растојанија“. Целата заедница околу марката со Црвените од Борго Панигале ќе се движи како едно.
Бројките јасно укажуваат на значењето на настанот, на којшто учествуваат 19.000 Дукатисти од цел свет, 305 официјални клубови и 419 дилери.

Секој клуб има различна организација на заедничкото возење. Македонскиот клуб на Дукати организира заедничко поаѓање од салонот на марката и мотоциклистичка тура до одредиштето, на коешто ќе бидат направени заеднички фотографии. Тие фотографии понатаму ќе бидат објавени на профилите на Дукати на друштвените мрежи и на официјалниот вебсајт, заедно со фотографиите од клубовите од цел свет.
Настанот секако ќе привлече внимание и пошироко, вклучувајќи ги љубителите на мото-културата и воопшто на италијанската уметност во изработката на мотоцикли. По завршувањето на своевидната празнична тура, Дукатистите ќе ги паркираат своите машини на улица Македонија.















