
„Со задоволство објавувам дека врз основа на фактот што Европската Унија не се придржува кон трговската спогодба што ние целосно ја почитуваме, во следната недела ќе ги зголемам царините кон Европската Унија, за автомобили и камиони што влегуваат во Соединетите Држави.“ Трамп го најави тоа преку објава на друштвените мрежи. „Царината ќе се зголеми на 25 проценти.“
Трамп кажа дека зголемувањето не ги погодува автомобилите што се произведуваат во фабриките во САД. „Во целост е прифатено и договорено дека за автомобилите што тие ги произведуваат во фабриките во САД, нема царини,“ кажа претседателот.
Обраќајќи се пред новинарите во Белата Куќа во петокот, Трамп го повтори тврдењето дека ЕУ „не ја почитува“ нивната спогодба, без притоа да наведе подробности. Тој кажа дека зголемувањето на царините ќе ги присили производителите на автомобили „многу побрзо да го преселат своето производство“ во САД.
Оваа одлука врши нов притисок врз автомобилската индустрија, којашто уште се приспособува на наглите потези во трговската политика што беа направени лани. Тие значително им го скусија профитот на производителите на автомобили и на нивните добавувачи.
Трамп ги присили производителите на автомобили да го прошират своето производство во САД, откако воведе царини за возила и делови што ја минуваат границата, дури и од земји со коишто претходно е потпишана спогодба за слободна трговија.
Овој потег посебно ќе го погоди концернот Стелантис, којшто возилата од марките Алфа Ромео, Масерати и Фиат ги увезува во САД од Европа.
Голем број моќни европски производители на автомобили имаат фабрики во САД, вклучувајќи ги Фолксваген АГ, Мерцедес-Бенц и БМВ. Концернот Стелантис, којшто ги поседува и марките Крајслер и Доџ, исто така има значително присуство на пазарот во САД, иако продажбата главно се сведува на возила од марките Џип и Рам.
Зголемените царини се дополнително оптоварување за германските производители, како БМВ и Мерцедес-Бенц. Иако тие поседуваат големи фабрики во САД, од каде што масовно се извезуваат СУВ-модели на светските пазари, тие и натаму увезуваат важни модели, како серијата 3 на БМВ или Ц-Класата на Мерцедес-Бенц.
БМВ во март им соопшти на инвеститорите дека не се надева на значително подобрување на профитабилноста во текот на годинава и посочи дека во исто време се засилува притисокот од домашните производители во Кина.
Додека царините за Европа растат, претставници на САД, Мексико и Канада се подготвуваат летово да ја преиспитаат трговската спогодба меѓу трите земји. Производителите на автомобили бараат од администрацијата да се укинат царините. Некои странски производители, што не ги почитуваа одредбите во спогодбата, се соочија со двоцифрени царински тарифи за некои модели.
Тензии со Европа
Последната одлука на Трамп ја продолжува трговската војна со Унијата, во време кога војната во Иран и наглото покачување на цената на енергијата што таа ја предизвика, ја изложија глобалната економија под нови притисоци.
Бернд Ланге, кој претседава со трговскиот комитет на Европскиот Парламент, кажа дека однесувањето на Трамп е неприфатливо и дека ЕУ го почитуваат договорот.
„САД повеќепати го прекршија договорот“, изјави Ланге за Блумберг на 1-ви мај, зборувајќи за царините на САД за увоз на челик и алуминиум. „Последниов чекор сведочи колку е несигурна политиката на САД.“
Ланге повтори дека парламентот подготвува закон за ратификација на трговската спогодба со САД и се надева дека тој ќе биде финализиран во јуни.
Во трговската спогодба на ЕУ, договорено е укинување на царините за индустриски добра од САД, во замена за поставување горна граница за царините на повеќето производи од ЕУ на 15 проценти. Унијата го прифати нерамноправниот договор, надевајќи се дека Трамп ќе се заложи за Украина и ќе се спречи целосно раскинување на трговските односи.
Главна сопка се царините за метали. Во август, САД ја проширија договорената царина од 50 проценти за челик и алуминиум, на уште стотици производи. САД беа обвинети дека со тоа ја прекршуваат спогодбата. Компаниите се соочуваат со тешкотии при пресметувањето на царините, затоа што мораат да одредуваат колкаво е учеството на оцаринетите метали во своите производи.
Законодавците на ЕУ потоа двапати ја одложија ратификацијата на спогодбата. Првиот пат се случи тоа откако Трамп се закани дека ќе го преземе Гренланд, територија на Данска, а вториот пат по поништувањето на царинскиот режим на претседателот од страна на Врховниот суд на САД.















