
Француската влада продолжува со стратегијата за електрификација на сообраќајот и воедно реагира на драстичното поскапување на горивата, како последица од војната во Иран и затегнатоста на Блискиот Исток.
Третиот бран на субвенции за помош при набавка на електрични автомобили е насочен првенствено кон т.н. социјален лизинг, и почнува во јуни 2026 година.
Целта на програмата е да се обезбеди користење на околу 100.000 електирчни автомобили, преку поволни услови за лизинг. Покрај тоа, владата планира да учествува со 9.500 евра во цената на електричните автомобили.
Две групи купувачи се во фокусот
Социјалниот лизинг е насочен кон две главни групи. До 50.000 возила ќе им бидат овозможени на возачи што минуваат голема километража и со тоа се посебно погодени од поскапените горива. Тука спаѓаат главно здравствени работници, занаетчии и други групи на коишто работата им е поврзана со патување.
Други 50.000 возила ќе бидат наменети за домаќинства со ниски примања. Исто како во претходните години, помошта се доделува кога примањата се под одредена граница. Според првите податоци, ќе им се помогне на лица со месечни примања до 2.000 евра. Уште не се утврдени вредностите.
Социјалнот лизинг овозможува електричен автомобил да се користи по месечна рата од 100 до 200 евра, во период од најмалку три години. Во досегашните програми владееше голема заинтересираност. Во 2024 и во 2025 година, помошта за планираните 50.000 возила беше распределена за само неколку недели.
За новиот круг, владата планира да ги олесни условите. Во претходните програми се бараше минимум 8.000 километри годишно или секојдневно возење до работа на пат од најмалку 15 километри.
Покрај лизингот, владата планира и субвенција во висина до 9.500 евра при купување електрично возило. Предвидена е посебна програма за работници, што користат службено возило, но не ги исполнуваат условите за социјален лизинг.
Секој четврти нов автомобил во Франција е електричен
Француската влада ја образложува својата стратегија со енергетско политички, ккао и со економски аргументи. Електричните возила создаваат помалку оперативни трошоци во споредба со возилата со класичен мотор. Според податоците на владата, 100 километри пат со ЕВ чинат две до три евра, наспроти околу единаесет евра за дизел возило.
Со мерката, на подолг рок ќе се смали и зависноста од увоз на нафта и во исто време ќе се зајакне домашното производство на авотмобили. Целта е до 2030 година, две од секој три нови возила да бидат електрични. Се очекува дека и домашните производители значително ќе ја зголемат продукцијата.















