Германскиот концерн има силно присуство на големиот салон на автомобили Ауто Кина 2026 година, што се одржува во Пекинг. Фолксваген спакува десет нови модели од четири свои марки, коишто се развиени посебно за кинескиот пазар, па концернот соодветно на тоа се рекламира под мотото „Во Кина, за Кина“.
Новата стратегија на Фолксваген за кинескиот пазар се базира на локален развој на модели и нивно брзо пуштање во продажба. Темелите за стратегијата беа поставени пред три години, со цел подобро да се искористи потенцијалот за иновации со којшто располага Кина. Наспроти тоа, моделите за европскиот пазар и натаму се развиваат со вообичаеното темпо и рутина.
Поинтензивен развој во Кина
На тој начин, Кина прераснува од клучен пазар за продажба на автомобили, во локација на којашто сé повеќе се префрлува развојот на модели и технологија. Според сооштението од концернот, за помалку од три години е развиено целосно ново семејство модели за кинескиот пазар.
Во текот на 2026 година, во просек на секои две недели ќе биде претставуван по еден нов модел. За годинава се најавени преку 20 нови модели со електрифициран погон. Тоа вклучува и батериски електрични модели, и приклучни хибриди, и модели со продолжувач на досег. Во чекор ќе се пуштаат и освежени изведби од постоечките моделски серии.
Матичната марка Фолксваген нуди четири електрифицирани модели, што првенствено се наменети за јавните претпријатија во земјата. Два од тие модели првпат се појавуваат на сцената токму за време на салонот во Пекинг.
ИД. Аура Т6 од ФАВ-Фолксваген е прв модел од новата серија модели ИД. Аура. Моделот настапува во сегментот на СУВ од средна класа, каде што владее жестока конкуренција. Возилото е конструирано врз платформата ЦЕА (Чајна Електроник Архитекчр), што е развиена во Кина и се одликува со вчитување нов софтвер од податочен облак и со системи за автономно возење од ниво Л2++, во коешто возилото веќе управува самостојно.

Втората светска премиера е ИД. Јуникс 09, од Фолкваген Ануеј. Електричната лимузина долга пет метри игра на карта на раскошни димензии и современа дигитална техника. Возилото располага со систем за автономно ниво Л2++, со моќни компјутери и со систем за говорни команди што користи вештачка интелигенција.

Џета Икс е уште едно концептно возило на Фолксваген, коешто е наменето за најдостапниот сегмент на електрични возила во Кина. Моделот го означува стартот на електрификацијата за локалната подмарка Џета и го воведува новиот дизајнерски говор Модерно Робусно. Најавени се четири електрифицирани модели на Џета до 2028 година, од коишто првиот ќе стартува уште годинава.

Ауди исто така ја спроведува својата стратегија за Кина и со посебната марка АУДИ го привлекува вниманието со моделот Е 7 Икс. Тоа е второ сериско возило на марката АУДИ (се разликува по тоа што марката се пишува со големи букви и возилата не ги носат 4-те прстени на оригиналната марка) и воедно е прв СУВ што е развиен посебно за Кина. Ентериерот ќе биде прикажан подоцна во текот на салонот.

Целосно електричниот СУВ од премиум сегментот се нуди со две варијанти на погон, со системски 300, односно 500 киловати. Се планира и уште понапреден систем за автономно возење од Ниво 3. Стандард е погонот на сите тркала Кватро. Ауди донесе уште неколку познати и нов модели во Пекинг. Меѓу нив се Ауди А6Л, електричниот Ауди А6Л Е-Трон и АУДИ Е5 Спортбек.

Освен со возила, Фолксваген се пробива и на пазарот на софтвер и системи за асистенција. Сопствениот развоен центар за Кина со име Каризон изложува нови системи за асистенција. Тие работат на Ниво 2 и на навигацијата ѝ помагаат со автоматизирано возење во град и на автопат, како и со самостојно паркирање.
Главната улога во иднина ќе ја преземе вештачката интелигенција. Според најавите од концернот, возилата ќе реагираат подобро на кинескиот јазик, на навиките на народот и на различниот начин на користење на возилата. Системите се развиваат во насока на способност да разбираат што им кажува возачот и соодветно да реагираат.
На салонот во Пекинг присуствуваат и останатите марки на концернот. Порше најави нова моделска изведба на електричниот Кајен. Со тоа, спортската марка ја зајакнува својата стратегија за електрифицирани возила за кинескиот пазар.
















