Славче Таневски е главен во дизајнирањето на новата Мерцедес-Бенц Ц-Класа

Фановите на Мерцедес-Бенц се посебно чувствителни на секоја промена во изгледот на маската. Новата Ц-Класа целосно го напушти дизајнот на претходничката, но со маската е поблиску до легендарните модели од 1960-те и 1970-те години, од кој било друг модел од поново време. И, електрична е.

Прво најважното. По ексклузивните ГТ и СЛ, следен стратешки модел на Мерцедес-Бенц, чиешто дизајнирање го раководеше Славче Таневски, е токму новата Ц-Класа, што е развиена исклучиво како електричен автомобил. Како што Штутгарт најави уште пред премиерата на новиот ГЛЦ, со којшто електричната Ц-Класа ја дели платформата, Мерцедес-Бенц масовно ја враќа формата на маската од моделите од 1960-те и 1970-те години. Тоа е време кога маската е со највпечатлив стил.

Повеќе детали од Славче Таневски околу дизајнирањето на електричната Ц-Класа од генерацијата В 520 ќе дознаеме во следните денови.

Штутгарт за електричната Ц-Класа вели дека е „најспортската Ц-Класа на сите времиња, со ненадминлива агилност и со исклучителен комфор при патување на долг пат“. Тоа е спој на две работи што се спротивставуваат една со друга, затоа што еден автомобил можат да биде или комфорен, или спортски, но кога Мерцедес-Бенц ги спомнува двете работи во иста реченица, тоа веќе укажува дека може да се очекува многу од новиот модел. Тука се покажуваат на дело пневматската амортизација Ерматик и управуваната задна оска.

Не е случајно тоа што се нагласуваат возните својства, затоа што електричната Ц-Класа се појавува кусо пред најголемиот и неразделен соперник, БМВ, да се појави на сцената со новата и-3, со електричниот пандан на серијата 3, што се базира врз платформата Ное Класе.

Новата, електрична Ц-Класа, гарантира чисто возачко уживање со исклучителен досег и во исто време нуди безбедно заточиште во секојдневието
Ола Калениус, претседател на управниот одбор на Мерцедес-Бенц Групација АГ

Главните обележја на новата Мерцедес-Бенц Ц-Класа

Елеганција со моќно зрачење што остава впечаток

Со силуета како купе, маска од иконските модели на марката, со 1.050 осветлени точки и ГТ-опаш што поседува карактер, новата електрична Ц-Класа со голема страст го отелотворува актуелниот дизајнерски јазик на Мерцедес-Бенц.

Бескомпромисна изработка и занаетчиска умешност до најситен детал

Новата Ц-Класаго подигнува познатото чувство на „Добредојде“ на ново рамниште и поставува нови мерила во поглед на квалитетот на премиум возило, како и во комфорот на такво возило. Форми што се прелеваат една во друга, благородни материјали со најфина изработка, вклучувајќи и можност за избор на вегански ентериер, совршено зиведени детали како штепувањето на напа-кожата во форма на дијамант и врвна звучна изолација, нудат средина во којашто уживаат сите сетила. Најпрестижната изведба на седиштата нуди масажа и вентилација, но и 4-димензионален звук, со басови што се чувствуваат на телото.

Климизацијата учествува во чувството на комфор

Климатизацијата во новата Ц-Класа создава комфорна средина кусо по седнувањето, што важи и во зима и без кабината да се предгрева. На 20-минутно возење при температура од 7 степени под нула, кабината се загрева двапати побрзо отколку во модели со мотор со внатрешно согорување. Топлинската пумпа што користи повеќе извори, ја преполовува енергијата што ќе се потроши за греење.

Создавање сопствено ѕвездено небо

Во панорамскиот покрив Скај Контрол се осветлени 162 ѕвезди. Тие светат во истата боја што е избрана за амбиенталното осветлување во кабината.

Висока технологија од врвна класа што се чувствува

МБУКС Хајперскринот од 39,1 инчи, односно 99,3 сантиметри поставува нови мерила и влијае врз доживувањето на возењето и на просторот. Иновативна технологија со матрично заднинско осветлување со преку 1.000 посебни светлечки диоди, и со можност за избор на осветленоста посебно за секоја зона, нуди јасни информации за возачот и забава за сопатникот.

Најспортската Ц-Класа на сите времиња поставува нови мерила за уживање во возењето

Електричната лимузина ги сака свијоците, а во исто време е удобна на долг пат како С-Класа. Тоа во дел е заслуга на управуваната задна оска, што го скусува кругот на вртење на 11,2 метри, како и на пневматската амортизација Ерматик, со амортизери што преку податоци од Гугл Мапи и технологија Кар-ту-Икс, ја приспособуваат својата работа однапред.

Интелигентно возење на нов начин

МБУКС Виртуелен Асистент со генеративна ВИ води сложени разговори, ги помни деталите и одговара како да се разговара со човек. Навигацијата со „електрична интелигенција“, МБУКС Просторна Навигација и проекциски дисплеј со унапредена реалност, се грижат за лесно ориентирање, дури и во најсложените сообаќајни услови.

Секогаш со најновиот софтвер и со можност за нагодување по желба

Оперативниот систем Мерцедес-Бенц (МБ.ОС) овозможува редовно освежување на софтверот од податочен облак, и тоа важи за сиот хардвер во возилото. На тој начин, Ц-Класа и по долги години ќе има актуелен софтвер. Постои и можност во иднина да се додадат функции без посета на сервисот, како за инфо-забавните системи, така и за системите за асистенција.

Врвен комфор на долги патувања

Електричната Ц-Класа постигнува досег до 762 километри, благодарение на одличната аеродинамичност и на иновациите, како топлинската пумпа и сопирачките уан-бокс, коишто постигнуваат моќ на рекуперација до 300 киловати.

Технологијата со 800 волти и нова батерија со корисен капацитет од 94 киловатчасови овозможуваат на брз полнач да се наполни енергија за 325 километри за само 10 минути. Лимузината нуди можност енергијата од батеријата да ја насочи кон надворешен потрошувач, кон самиот дом, па и во дистрибутивната мрежа.

Повеќестрана и подготвена за авантура

Новата Ц-Класа одушевува и во секојдневието, и на пат и во слободното време. Таа нуди просторна кабина, багажник од 470 литри и преден багажник што е недостижен со зафатнината од 101 литри. Електричната лимузина може да влече и приколка тешка до 1,8 тон.

Будна работа на системите за асистенција го подигнува безбедносното ниво

Од приспособлив темпомат Дистроник, преку МБ.Драјв асистенција за самостојно престигнување, до посебна функција на При-Сејф во свијоци, лимузината од средна класа нуди сеопфатен пакет од системи за активна и пасивна безбедност. Меѓу посебните достигнувања е опционалниот МБ.Драјв Асист Про, којшто го заменува возачот во бројни ситуации, дури и во густ градски сообраќај. Овој систем прво ќе се нуди во САД, а понатаму и на други пазари, доколку законите го дозволуваат тоа.

Испораките на електричната Ц-Класа ќе стартуваат во септември. Шефот Ола Калениус најави дека може да се очекува слична цена со Ц-Класа со споредливи перформанси и споредлива опременост, со класични мотори со внатрешно согорување.

Во почетокот ќе биде понудена само изведбата Ц 400 4Матик, но понатаму ќе бидат додадени и изведби без погон на сите тркала, со повеќе големини на батерија и соодветно поголем или помал досег.

Премиера на ЦЛА во Мак Аутостар: Најважниот нов Мерцедес-Бенц по 190-ка

 

Претходна објаваРено продолжува со серијата модели Ролан Гарос, на ред е електричната 4-ка
Следна објаваНовиот Џип Компас доаѓа со два вида хибриден погон и во целосно електрична изведба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here