Кабриолетот од Порше 911 ГТ3 е како концерт на мотори

ГТ3 е последното скалило што го нуди Порше, пред иконската 911-ка да прерасне во вистински тркачки автомобил. Штутгарт првпат нуди кабриолет од оваа расна машина.

Првиот кабриолет од ГТ3 не е само отворена варијанта, туку е модел со олеснета конструкција, со примеси на С/Т и со духот на историскиот 911 Спидстер.

Производителите што не заработуваат со бројот на продадени возила, туку со цената на возилата што ги продаваат и со името што ја оправдува цената, сé повеќе им се посветуваат на ексклузивните модели од врвот на понудата. Порше реагира со воведување кабриолет изведба од својот 911 ГТ3, првпат во историјата.

Кога Порше развива нови изведби од своите модели, не е доволно само да се додадат неколку коњски сили и тоа да се продава како посебен модел, туку мора да се зафати на уште дузина места. Исто е кај кабриолетите, а посебно кога треба да се изведе отворена варијанта од тркачката 911-ка ГТ3, првпат досега.

Новата варијанта се води како 911 ГТ3 С/Ц, со додавка што означува Спорт/Кабриолет, располага со бројни зафати за скусување на килограмите, има неколку обележја во изгледот, и соодветно чини 269.000 евра во Германија. Во споредба со стандардниот ГТ3, тоа се 60.000 евра повеќе. Дури и екстремниот ГТ3 РС, со којшто се оди директно на трка, мора да му даде предимство на новиот кабриолет, со неговите 248.157 евра.

Што толку направи Порше, за ГТ3 С/Ц да вреди колку Турбо С

Првиот човек за ГТ-машините од Цуфенхаузен, Андреас Пројнингер, вели дека „уште кај 911 Спидстер и 718 Спајдер РС утврдивме колку нашиот атмосферски мотор со високи вртежи, посебното нагодување за возна динамика и доследното олеснување на конструкцијата се погодни за возачки автомобил без покрив.“

С/Ц е воедно прв 911-кабриолет што поседува предна оска со двојни водилки. Во комбинација со спортски гуми со нагласен контакт со подлогата и со ниската тежина, автомобилот на „кривулести патишта нуди возачко уживање какво што досега не можело да се доживее во отворен автомобил,“ објаснува Пројнингер.

Сите трикови што ги умее Порше за смалување на тежината се применети. Тоа значи, карбон-керамички сопирачки што одземаат 20 килограми, лесен акумулатор (полесен за 4 килограми), тркала од магнезиумска легура (уште 9 килограми помалку), како и каросериски панели од карбон, каде што спаѓаат предната хауба, крилата и вратите, па дури и полесни теписи.

На крајот се добиваат 1.497 килограми, што е само 30 килограми повеќе од рекордерскиот 911 Спидстер од генерацијата 991. Повеќето од овие зафати се познати од 911 С/Т. Меѓутоа, за разлика од овој модел, ГТ3 С/Ц не е модел што ќе се изработи во ограничена серија.

Кабриолетов се испорачува исклучиво со две седишта и исклучиво со рачен менувач со 6 степени. Стандардно се вградуваат спортски седишта, а кој е желен за трка, има опција за карбонски школкести седишта. Целата кабина е обложена со црна кожа, со црвени штепови насекаде.

Тоа што следно ќе ги израдува пуристите е стартувањето. Не само звукот, туку и начинот на стартување. Место копче одлево, тука има брава. Црната рамка на ветробранот и фолијата за заштита од камчиња во истата боја, потсеќаат на 911 Спидстер.

Инфо-забавниот систем користи вештачка интелигенција за да комуницира со возачот и на дисплејот го прикажува возилото во три димензии и во вистинската боја, при ракувањето со повеќето функции.

Во средината на инструментите се прикажува бројач на вртежи, а се нуди и можност за информациите да се гледаат во смален обем, односно во трак-скрин. Тогаш се прикажуваат само информации за маслото, водата, горивото и притисокот во гумите. Се менува и графиката на бројачот на вртежи, така што полето за 9.000 се поместува во положба на 12 часот, во линија со маркерот на воланот.

За 4,0-литарскиот боксер со шест цилиндри и без турбонатполнење, само потсетување: Театрален звук, 510 КС, крајна брзина 313км/ч, забрзување до темпос то за 3,9 секунди. Уште неколку зафати кај С/Ц се острите брегасти вратила од ГТ3 РС, придушници што подобруваат струењето и оптимиран ладилник за маслото.

Иако тука работи комбинација од четири катализатори, па згора на тоа два филтри за честички, Порше ветува емотивен звук. Тоа е сигурно меѓу поважните работи, посебно кај кабриолет. Доколку се вози според ВЛТП-норма, како да е Поло, кабриолетов би трошел малку под 14 литри.

Продолжетокот на предниот спојлер и задниот дуфузор од ГТ3 се добиваат гратис. Исто е стандард и попречниот дел во задниот спојлер што се извлекува, и тоа е првпат кај еден каѝбриолет од 911-ка. Овој „флеп“ инаку е одлика на 911 со пакет Туринг и 911 С/Т.

Кој сака да потроши уште малку повеќе, има можност да го направи тоа со пакетот Стрит Стајл, којшто е дело на ексклузивната мануфактура, каде што се работи на посебни нарачки. Пакетот опфаќа украсни налепници во пиро-црвена боја, текала во сива боја, сопирачки клешти во златна боја, акцентирани детали во тркалата во пиро-црвена боја, амблем Порше на тркалата, затемнети предни светла и аеро-насочувачи во боја на каросерија.

Зафати во истиот правец во внатрешноста се седишта со перфорирана кожа во 4 бои, рејс-текс во рамката на ветробранот, затемнета рачка на менувачот од дрво со видливи пори и шема во црвена боја, и уште бројни опции што ги ангажираат занаетчиите во Ексклузив Мануфактур.

 

 

Претходна објаваЕлектричната С-Класа на Мерцедес минува близу 1.000 километри со едно полнење
Следна објаваПрвиот електричен Фолксваген дури сега станува вистински Фолксваген

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here