Трамп сака Кинезите да градат фабрики во САД, но прво домашните производители да поднаучат

САД водат информативни разговори, за кинеските производители на автомобили да вложат во изградба на фабрики во земјата, заедно со домашните производители. Тоа е позната практика.

Силајон 7 е пуленот на БИД на европскиот пазар, како автомобил што ѝ парира на Тесла Модел Ипсилон

Кинезите можат да добијат пристап на пазарот во САД, но само доколку прифатат да бидат под контрола на домашните конкуренти.

Политиката и автомобилската индустрија во Соединетите Држави испробуваат сценарија, како земјата во иднина да се однесува кон кинеските производители на автомобили. Се спомнува и една практика што не им е нова на познавачите на автомобилската индустрија.

Како што прво објави агенцијата Блумберг, за време на салонот на автомобили во Детроит во јануари, се воделе разговори меѓу извршниот директор на Форд, Џим Фарли, и високи претставници од владата на претседателот Трамп.

Според објавата, се разговарало за заеднички инвестирања на САД и Кина, како и за локално производство, како услов на кинеските производители да им се дозволи пристап на пазарот во земјата.

Царинска стапка од 100 проценти како одбранбен ѕид

Познавачите ќе се сетат. Во Кина постоеше иста таква регулатива, кога западните производители на автомобили уште пред децении почнаа да се шират во земјата, што тогаш заостануваше во поглед на технологијата.

Денес е сосем сменета сликата околу трансферот на технологијата. Кинезите се тие што денес ја имаат преедноста, посебно во поглед на батериите за електрични автомобили и во поглед на инфо-забавните системи.

Поради тоа, западњаците барат начини да ги заштитат домашните производители од моделите на Кинезите, што честопати се значително подостапни.

Во САД до денес важи царинска стапка од 100 проценти за увоз на кинески електрични автомобили, што во 2024 година ја воведе демократскиот претходник на Трамп, Џо Бајден. Тоа беше одговор на „значителната и неправедна ценовна предност“ на Кинезите, соопшти тогаш Белата Куќа.

Одлука уште не е донесена

Доколку се избере заедничко инвестирање, кинеските производители ќе бидат обврзани да основаат заеднички компании со производителите од САД, и само во тој случај ќе можат да произведуваат во земјата. Според објавата, контролата ја има домашниот партнер, се делат добивката и технологијата.

Во моментов се работи за приватни разговори, информативно и необврзувачки. До евентуално донесување одлука ќе мине долго време. Покрај тоа, Џенерал Моторс се противи на таквата идеја.

САД немаат многу време за губење. Канада е на пат да го отвори пазарот за кинеските производители. Во Мексико, Кинезите веќе освоија значителен дел од пазарот.

Претстои средба меѓу Трамп и Си

На обидот на Блумберг да добие повеќе информации околу разговорите меѓу Фарли и претставниците на владата на Трамп, од одделението за односи со јавност на Форд одговориле дека станува збор за „неопходност“, за домашниот пазар „да се заштити од наплив од субвенционирани возила што се произведени во Кина.“

Се разговарало и околу заштитата на податоците, како и за националната безбедност поради увозот од Кина.

Трамп во својот говор пред детроитскиот економски клуб искажа подготвеност да им дозволи на кинеските производители да градат фабрики во САД, заради отворање нови работни места. Во април треба да се одржи средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Џи Џинпинг во Пекинг.

Претходна објаваМерцедес-Бенц доаѓа на саемот Ретро Класика под знакот на 140-годишнината
Следна објаваКамери од 10 милиони евра го проверуваат лакирањето во БМВ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here