
Квалком потпиша писмо на намери за да стане главен снабдувач со чипови на концернот Фолксваген, наменети за новата софтверска платформа што германскиот производител ја разви во соработка со Ривиан од САД.
Новата генерација на т.н. софтверски дефинирани возила ќе добие напредни инфо-забавни и конекциски функции, коишто ги овозможува Дигиталната Шасија Снепдрагон на Квалком. Овие чипови досега се вградени во преку 400 милиони примероци ширум светот.
Со алијансата што беше објавена на 8-ми јануари, за време на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, платформата Снепдрагон Рајд Елит ќе се користи со цел да се забрза развојот на функции за автоматско возење.
Целта е да се создаде готов систем за напредно автопилотирано возење, што ќе се вградува директно во марките на концернот Фолксваген и што е целосно компатибилен со новата платформа СДВ на концернот, за т.н. софтверски дефинирани возила.
Според компаниите, марките Фолксваген и Ауди ќе бидат главни корисници на чиповите. Не се соопштуваат поединости околу количините. Освен чипови, концернот планира од Квалком да набавува и модеми 5Г, што ќе служат за забрзување на комуницирањето меѓу возилата.
Намерата е да се внесат функции врз основа на вештачка интелигенција, коишто ќе се раководат според барањата на патниците, почнувајќи од клима и седишта нагодени по желба, до водење до целта по најдобра рута и помагање со природен говор и читање на движењата на телото.
„Полупроводниците со високи перформанси се основа за следната генерација конектирани возила. Тие ни овозможуваат беспрекорно усогласување на софтверот со хардверот,“ порача во соопштението Вернер Тиц, шеф за развој во концернот Фолксваген.
„Со пристапот до овие напредни чипови сакаме да го забрзаме развојот на моќни и надградливи технологии, за да понудиме дигитално возачко искуство што постојано ќе се развива во корист на нашите клиенти, по достапни цени,“ додаде Тиц.
„Технолошкиот ‘рбет што е неопходен за да се постигне водство во ерета на интелигентната мобилност
Шефот за автомобилската сфера во Квалком, Накул Дагал, изјави дека дигиталната шасија на Снепдрагон ја нуди основата за софтверски дефинирани возила и овозможува развој на инфо-забавни системи и напредни системи за асистенција од следната генерација, коишто постигнуваат напредок во безбедноста, перформансите и надградливоста.
„Заедно со Фолксваген, им нудиме трансформативни искуства во самото возило на милиони возачи и патници шќирум светот, додека во исто време го обезбедуваме технолошкиот ‘рбет што е неопходен за водство во ерата на интелигентната мобилност,“ порача Дагал во соопштението.

Чиповите на Квалком ќе се користат во малечкиот електричен модел ИД.1 што треба да стартува со продажба во 2027 година.
За ИД.1 се очекува почетна цена од околу 20.000 евра.















