
Новата автомобилска марка што произлезе од соработката на Донгфенг Мотор и Хуавеј е именувана Јиџинг и својот прв модел ќе го прикаже во април 2026, на салонот на автомобили во Пекинг.
Уште една марка се придружува во портфолиото на Донгфенг Мотор, покрај Фортинг, Еолус, Јипаи, Нами, М-Херо и Воја. Новата марка го носи името Јиџинг и произлезена е од долгогодишната соработка на Донгфенг Мотор со гигантот во светот на потрошувачката електроника Хуавеј.
Јиџинг е прва автомобилска марка што е создадена во партнерство на моќен производител на автомобили во државна сопственост и производител на напредна технологија, изјави Ванг Џунџун, генерален директор на Јипаи, огранок на Донгфенг за напредна автомобилска технологија.
Првиот сериски модел на Јиџинг излезе од производствената лента на 23-ти декември. Во моментов се изработуваат прототипите од идниот сериски модел, што ќе се користат за тестирања и за усовршувања, пред моделот да го достигне степенот на зрелост за пуштање во продажба.
Премиерата на неименуваниот модел ќе се случи на големиот салон на автомобили во Пекинг, што ќе се одржи во април 2026 година. Засега се знае единствено дека станува збор за СУВ-модел долг околу пет метри, со целосно електричен погон и со напредни техноогии, коишто во голем дел доаѓаат од партнерот Хуавеј. Марката ќе нуди модели со висока технологија наменети за широкиот пазар. Засега нема најави дека Јиџинг ќе продава и надвор од Кина.
Договорот за соработка со Хуавеј беше склучен уште во јануари. Кон завршетокот на септември, за извршен директор на Јиџинг беше назначен Лиу Џиаминг, со 25-годишно искуство во автомобилското производство. Меѓу главните предизвици за Џиаминг ќе бидат кроење стратегија, осмислување на понудата од модели и пробив на пазарот.
До средината на 2026 година, Јиџинг планира да пушти два модели во продажба. Понатаму ќе следи најмалку по еден нов модел годишно. Постои голема веројатност дека освен целосно електричната изведба ќе се нуди и електричен модел со продолжувач на досег, односно со мал бензинец што служи како генератор и со којшто може да се постигне долг досег.
Дарио и T5 EVO одат на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028
Донгфенг соопшти и дека во изминатата недела го произвел 10.000-от примерок од луксузниот теренец со цврст ков М-Херо и воедно 1-милионитиот автомобил со електрифицирана погонска спрега.
Преку увозникот АБЦ Брадер, Донгфенг е најпродаван кинески производител на автомобили на македонската сцена.















