Кога моторот не стартува, сомнежот обично паѓа прво на акумулаторот, и со право. Но, постојат и други причини за моторот да затаи.
Возачите треба да имаат доверба во својот автомобил. Човек мора да биде сигурен дека возилото му стои на располагање во секое време и дека нема да го разочара, одбивајќи да стартува и со дефект додека е на пат. Но, некогаш и тоа може да се случи. Постојат различни причини, поради коишто моторот одбива да стартува.
Главниот сомнеж секогаш паѓа на испразнет или расипан акумулатор. Но, причина за автомобилот да остане неподвижен, може да биде и алтернаторот, анласерот, системот за палење или оштетен кабел за палење. Можеби возилото има пристап без клуч? Тоа исто така може да биде причина за моторот да не стартува.
Германскиот клуб АДАК издвои пет најчести причини, поради коишто возачите не можат да го стартуваат своето возило, а следат и совети, како човек сам да си помогне.
1. Најчестата причина: Празен акумулатор
Посебно во зима, најчеста причина за моторот да не стартува, е празен или слаб акумулатор. Покрај тоа што температурите се ниски, врз состојбата на акумулаторот влијаат и бројни електрични потрошувачи, како греење на седиштата или на задното стакло, бришачи, вентилатор. Истото важи за светлата или за радиото. Се случува тие да останат вклучени по оставањето на возилото, иако тоа денес може да се случи само кај постарите возила.
Честопати по звукот што при стартувањето го произведува анласерот, се препознава дека акумулаторот слабее. Во тој случај, анласерот (стартер, кај нас погрешно се кажува алансер) врти тешко и не може да го стартува моторот. Во таков случај обично слабее и струјата во кабината (кабинско светло, сигнални светилки), односно кај поновите возила се појавува предупредување. Во најлошиот случај, при обидот за старт се слуша само кусо тропање, коешто го произведува магнетниот прекинувач во анласерот.
Со добра среќа, моторот ќе стартува, доколку претходно се изгаснат светлата или радиото.
Ако стартот сепак не успева, помош ќе биде или друго возило, или полнење на акумулаторот со полнач или замена. Испразнет акумулатор, не значи и расипан акумулатор што ќе мора да се замени.
Совет: Кај помалите и полесни возила со рачен менувач, секако дека може да се смета и на стартување со туркање или влечење на возилото.
2. Акумулаторот не се полни: Дали е расипан алтернаторот?
Кога алтернаторот не работи правилно, акумулаторот не се полни при возењето. Тоа обично се покажува веднаш, преку светнување на симболот за акумулатор во инструментите.
При возењето, алтернаторот произведува струја, којашто се акумулира во акумулаторот, за тој при повторното стартување да има енергија за да го задвижи моторот и да ги напојува потрошувачите во текот на возењето. Овој проблем обично се сведува на замена на погонскиот ремен на алтернаторот.
3. Не се слуша стартување: Проблем е анласерот или откачен кабел
Акумулаторот е полн, но автомобилот сепак не стартува? Некогаш се јавува прекин во струјната мрежа, поради проблеми со каблите. Постојат различни причини:
Корозија: Челичната каросерија на автомобилите е „минусот“. Поради тоа, алтернаторот, акумулаторот и други компоненти се поврзани со каросеријата. На тие споеви, може да се случи да биде прекинат протокот на струја, поради корозија. Тоа го оневозможува или го отежнува палењето.
Лабав кабел: Кај постарите возила може повремено да ослабне навојниот спој на каблите, поради што се прекинува протокот на струја.
Анласер: Доколку акумулаторот има напон, но моторот пак не врти, обично е проблем анласерот. Ако при обидот за стартување се слуша само кусо тропање, проблемот веројатно е во магнетниот прекинувач на анласерот. Помош во тој случај е внимателно тропање врз анласерот со тврд предмет.
Систем за палење: Дали приклучоците на свеќичките за палење лежат цврсто? Проверете ги сите кабли.
Оштетување од глодари: Тие обично ги напаѓаат гумените и еластични делови, како црева, кабли за полнење, струјни водови и изолации. Тие оштетувања можат да предизвикаат проблем при палењето.
4. Дали напојувањето со гориво е добро?
Кога моторот не врти, но акумулаторот е во ред и исклучени се другите причини, проблемот веројатно е во системот за напојување. Во тој случај, моторот не добива гориво при стартувањето. Тука исто така постојат различни причини.
Ако резервоарот е празен и има локва под возилото, треба да се проверат цревата и водовите. Можно е оштетувањето да потекнува од глодари.
Доколку има доволно гориво во резервоарот и се исклучени другите причини, можно е следните фактори во системот за напојување да го оневозможуваат палењето: Зачепен филтер за гориво, односно вод за гориво, дефектна пумпа за врпскување гориво или пречка во некој сензор. Во таков случај, само сервисна работилница може да го отстрани дефектот.
5. Системот за пристап без клуч не работи
Ако возилото располага со систем за пристап без клуч, возилото го препознава „клучот“ кај возачот и дозволува стартување на возилото без користење клуч. Тоа е практично, но и тука може да се јави проблем, посебно кога батеријата во клучот е празна. Ако возилото не го препознава клучот и не стартува, обично се појавува црвена светилка во инструментите.
Многумина не го знаат тоа
Тоа што многумина не го знаат е дека секој кај систем за пристап без клуч, постои посебно место во кабината, на коешто може да го постави клучот. Во тој случај, возилото и клучот повторно комуницираат и може да стартува моторот. Каде се наоѓа тоа место, наведено е во прирачникот за ракување со одредениот модел на возило.
















