Пекинг одлучен да стави крај на ценовната војна меѓу производителите на електрични автомобили

Би Уај Ди пред завршетокот на 2024 година одбележа 30-годишнина и производство на 10-милионитото електрично возило

На кинескиот автомобилски пазар во моментов владеат прекумерни капацитети и агресивни попусти. Пекинг излезе со предупредување дека производителите може да се соочат и со правни последици.

Кинескиот пазарен регулатор настапува одлучно против самоуништувачката војна со цени што се води во домашната автомобилска индустрија. Властите предложија нови налози, со коишто домашните производители на автомобили ќе бидат спречени да ги нудат автомобилите на пазарот по цена што е пониска од трошоците за нивно производство.

Целта е да се смали притисокот од конкуренцијата, којшто во последниот период поттикна сé посилно движење во насока на дефлација, јавува агенцијата Блумберг.

Со новите правила се одредува начинот на формирање на цените долж целата верига на создавање дополнителна вредност, а тоа значи, почнувајќи од производството на возила и делови, преку стратегијата на цени, до начинот на продажба. Тоа се пропишува со предлогот на државната администрација за пазарна регулација што беше доставен на 12-ти декември.

Предупредување за правни последици

Производителите ќе мора да се соочат со „значителни правни ризици“, доколку одредат продажни цени што се под трошоците за производство, и со коишто се врши притисок, за конкурентите да се истиснат од пазарот или да се гради доминантно место на пазарот.

„Брзиот раст на пазарот, посебно кај возилата со алтернативен погон, доведе до нови бизнис модели и сé посложени структури на цените,“ објаснуваат од владината агенција. „Проблемите како лажно прикажување цени, измами, договорени цени и нерационална конкуренција го уништија пазарот и им наштетија и на купувачите и на компаниите.“

[the_ad id=”85764″]

Долготрајна ценовна војна

Предлогот следи како реакција на долготрајната ценовна војна на кинескиот пазар на електрични автомобили. Производителите се под притисок од недоволно искористени капацитети и од забавување на купувачкиот дух. Бројот на марки што продаваат електрични возила и приклучни хибриди, во минатите години спадна од 500 на 129 марки. Според процените на консултантската куќа Аликс Партнерс, до завршетокот на деценијава ќе останат одвај повеќе од една дузина, што сé уште ќе бидат способни да опстојат во економски поглед.

Планираните прописи се насочени од една страна против нечесните цени, а од друга против договарање цени меѓу производителите и добавувачите. Органите за пазарен надзор ги повикаа засегнатите страни на јавно консултирање околу новите закони. Забелешките може да се доставуваат најдоцна до 22-ри декември.

Би Уај Ди и Шаопенг се согласни

Прекумерните капацитети и уривањето на цените во Кина доведоа до таканаречен „неиџуан“, што би можело да се разбере како инволуција. Тоа е создавање екстремна конкуренција, којашто води кон намалување на добивката. Движењето во оваа насока води и кон затегнати односи со трговските партнери, затоа што кинеските производители вложуваат сé повеќе напори да ги извезуваат своите производи по поволни цени на странските пазари.

Компании од ковот на Би Уај Ди и Шаопенг (Експенг) ги поздравија мерките на владата. Тие ценат дека мерките ќе водат кон почитување на прописите и ветија дека ќе избегнуваат ценовни измами и нечесна конкуренција.

Претходна објаваМерцедес ја напушти соработката со Нисан
Следна објаваПроизводителите поделени околу откажувањето од забраната за мотори со внатрешно согорување

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here