На Сеат и Фолксваген, со Купра им успеа да изградат силна марка, кога тоа не им успева на производители со многу побогата историја и позвучни имиња. Секако тоа не се случи преку ноќ. Купра оди во насока на нова премиум марка во концернот, но во друг правец од оној на Ауди. Тест на Купра Терамар, првиот СУВ на шпанската премиум марка.
Кога првата Купра дојде на тест во Аутомедиа, во форма на Сеат Леон, дотерана да биде модел на Купра, одеднаш се врати духот на сцената на тјунингот, којашто беше мошне моќна и влијателна до пред деценија и пол. Добрата вест беше во тоа што тјунингот сé уште е дел од автомобилската сцена, меѓутоа неа повеќе не ја создаваат малечките фирми, што заедно постигнуваа промет од милијарди евра, туку големите производители на автомобили.
Сé што порано се добиваше кај големите тјунерски имиња, од типот на Абт, Етингер, Кони, Кениг или Де-унд-ве, денес се добива директно од фабрика. Производителите си го собраа тјунингот дома, а со тоа и дополнителната заработувачка. Купра како засебна марка постигна успех уште со „преработките“ на стандардните модели на Сеат, односно со Купра Леон и Купра Атека. Секако, самото име Купра датира многу подолго, од времето кога најсилните и најспособни моделски изведби на Сеат доаѓаа под името Купра, од Куп Рејсинг, односно од успесите на шпанската марка на Фолксваген во мотоспортот.
Сега нештата се сменети значително, затоа што од Форментор наваму, Купра изведува самостојни каросериски форми, што се разликуваат од Сеатите. Додека Форментор е кросовер, што сепак е блиску до Леон, кај Терамар веќе е многу различно. Тоа е прв вистински СУВ на Купра, што со големината балансира меѓу компакт и средната класа.
Во споредба со кросоверот, Терамар со своите 4,52 метри е подолг околу седум сантиметри, при незначителна разлика во меѓусокиното растојание, но и повисок е за седум сантиметри. Голема разлика има во багажникот со 540 литри, што се 120 литри повеќе од Форментор.
Извадок од видеото од тестот
View this post on Instagram
Во изведбата со дволитарски ТСИ со погон на сите тркала, Терамар исто така е значително потежок, со 1.740 килограми, а тоа се 165 килограми екстра. Тоа укажува дека има многу повеќе „железо“ во овој СУВ. Благодарение на конструкцијата, односно на поцврстата каросериска структура, Терамар може да влече приколка што е 500 килограми потешка отколку кај Форментор, а исто и носивоста е повисока за 55 килограми. Околу СУВ-алибито на Терамар, нема сомнежи.
Еден од ретките дволитарски во класата, што не користи електрификација
Таа екстра тежина влијае само малку врз перформансите. Според фабрика, забрзувањето до темпо сто трае 4 десетинки подолго (7,1 секунди), а во крајната брзина од 225 км/ч нема разлика. Уште помала е разликата во потрошувачката, барем според фабричките тврдења: Просек 7,5 кај Терамар, еден децилитар повеќе од Форментор.
Има сила во овој дволитарец, затоа тежината и поширокиот профил на СУВ не му влијаат врз перформансите, вклучувајќи ја потрошувачката. Бензинецот од семејството ЕА888 е во 4-от степен на развој, откако првпат беше вграден во Голф 6 ГТИ во 2007 година. Оваа варијанта се користи од 2020 година и посебна е поради тоа што не користи каква било помош од електромотор. „Класичен“ бензинец со турбонатполнење (Гарет) и директно впрскување на гориво, со 204 КС и 320 њутнметри.
Малку вакви бензинци се останати во класата на СУВ од компакт/средна класа, без да бидат префрлени на хибрид, почнувајќи од благ хибрид, преку полн хибрид, до приклучен хибрид. Дволитарци работат главно во премиум марките, во Мерцедес-Бенц ГЛА 200 и 220 4Матик, во БМВ Икс 1 23 икс Драјв, Волво Икс Ц 40 (благ хибрид), и секако во Ауди Ку 3, вклучувајќи го и новиот Тигуан.
Купра нуди и електрификација кај Терамар, со 1,5-литарска изведба со благ хибрид и 150 КС, и исто така 1,5-литарска изведба, но како приклучен хибрид со системски 272 КС. Четвртиот избор е Терамар Велоз (ВЗ) со истиот овој ЕА888, но навиен на 265 КС и 400 њутнметри.
Купра не мора да биде посилна, за да биде подобра
Главната разлика кај Купра, секако е во нагодувањето на подвозјето, односно во создавањето различно чувство во возењето. Кога Шпанците велат дека Терамар е спортски СУВ, тоа секако не е без основа. Купра не мора да биде посилна од останатите, за да биде подобра, овој СУВ „лежи“ подобро. За време на тестот, постојано беше врнежливо, со многу вода на патот, а тоа значеше дека на динамичната рута требаше да се вози со голема резерва. Тука се покажа на дело и погонот на сите тркала што Купра го води како 4Драјв, а тоа е 4Моушн кај Фау Ве.
Токму тоа го докажа и спортскиот стремеж на Купра. Во услови кога се очекува гумите да почнат да губат контакт, важно е подвозјето да му укаже на возачот, што се случува на патот. Возењето го качува класа погоре и активното подвозје, што е дел од дополнителната опрема во тест-возилото. Таа врска меѓу возачот и патот, тука функционира врвно. Затоа Купра им се допаѓа на луѓето.
Вредностите од потрошувачката на 4-те делници од стандардната рута за тест возење во Аутомедиа и споредба со останатите модели што биле на тест
Најдоброто, сепак го приредува 7-степениот менувач со двојна спојка. Ретко се случува модел што сака да биде спортски, да се однесува спортски, без разлика дали е вклучен во спортска или која било друга програма. Уживањето многупати го уништува автоматика што не е расположена да работи спортски. Тоа значи дека ќе мора рачно да се коригира изборот на степен на пренос, секогаш кога ќе се влезе побрзо во свијок, а тоа го уништува возењето.
Кај Терамаров, одвај дека еднаш ќе се случи, ДСГ да има степен повисоко отколку што треба, автоматикава изненадува со тоа што секогаш го има избрано вистинскиот степен во свијок. Префрлувањето од еден во друг степен би можело да трае уште покусо, но тоа е веќе специјалност за уште посложените и поскапи изведби на ДСГ. Уште едно пријатно наградување е „меѓугаста“, што моторот ја изведува секогаш кога при побрзо темпо ќе се префрли во степен подолу, кога се ракува со рачките зад воланот.
За останатите забелешки и впечатоци од тестот на Купра Терамар 2.0 ТСИ ДСГ 4Драјв, погледнете го видеото што го објавуваме на нашиот видео канал на Јутјуб
Конкуренти
Други СУВ од компакт/средна класа, од големоволуменски и премиум марки, со бензински мотор или благ хибрид, со погон на сите тркала и автоматски менувач/со двојна спојка
- Audi Q3 2.0TFSI quattro S tronic, 204 КС
- BAIC BJ40 2.0T 4×4 AT, 234 КС
- BMW X1 xDrive23i Steptronic, 218 KC
- Hyundai Tucson 1.6 T-GDI, 180 КС
- Kia Sportage 1.6 T-GDI, 180 KC
- Mazda CX-5 2.5 e-Skyactiv-G, 141 КС
- Mercedes-Benz GLA 220 4Matic, 204 КС
- Mini Countryman S, 218 КС
- Skoda Karoq 2.0 TSI, 190 KC
- Volkswagen Tiguan 2.0TSI, 204 КС















