Шест членки на ЕУ бараат да се откаже забраната за мотори со внатрешно согорување по 2035 година

Постоечките закони предвидуваат производителите на автомобили по 2035 година да продаваат во ЕУ само возила со нулта емисија на ЦО2, односно електрични автомобили.

Ауди веќе со години експериментира со синтетско гориво, што ќе ги замени фосилните горива, за на тој начин да се постигне неутралност во емисијата на ЦО2

Шест лидери од Европската унија, вклучувајќи ја италијанската премиерка Џорџа Мелони, побараа Европската Комисија да предложи поблаги закони во Унијата за емисијата на штетни материи од возилата, со намера да ја спречи забраната за мотори со внатрешн согорување, што е планирано да стапи на сила во средината на следната деценија.

Премиерите побараа при претстојната ревизија на правилата на ЕУ да се дозволи нови возила со приклучен хибриден погон, со електричен погон со помошен мотор како генератор и возила со водороден погон, да може да се регистрираат во Унијата и по 2035 година. Тоа се наведува во писмото што е упатено до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„Се наоѓаме на пресвртница, како за автомобилската индустрија во ЕУ, така и за климатската акција во Европа,“ порачаа лидерите. „Можеме и мораме да ја оствариме нашата климатска цел на делотворен начин, а притоа да не ја уништиме нашата конкурентност, затоа што во индустриската пустина нема да има ништо зелено.“

Писмото што го потпишаа и словачкиот премиер Роберт Фико и унгарскиот премиер Виктор Орбан, има за цел да ја поттикне Комисијата, да ѝ понуди поголема флексибилност на европската автомобилска индустрија. Чешкиот премиер Петр Фијала и бугарскиот Розен Жељазков исто така се приклучија на апелот.

Италија и Германија се борат против строгата забрана за продажба на нови возила со мотор со внатрешно согорување во Унијата, барајќи начин да ја заштитат сопствената автомобилска индустрија од конкуренцијата од Кина, како и од забавената побарувачка за електрични возила и од влијанието од царините во САД.

Во меѓувреме, зголемените трошоци за енергија и за работна сила во Европа, ги принудија производителите на автомобили да го скусат бројот на работните места и да ги насочат инвестициите во друг правец. Наспроти тоа, француската влада им даде предност на „европските вредности“ кај електричните возила, за на тој начин да го спречи намалувањето на бројот на работни места.

[the_ad id=”85764″]

Производителите на автомобили, како Стелантис, Фолксваген и Рено, бараат појасна слика околу забраните, за да можат посигурно да ги планираат идните инвестирања. Се работи за милијарди евра.

„Клучно е целосно да се почитуваат принципите на технолошката неутралност: Очигледно е дека не постои едноставно решение на патот кон декарбонизацијата, а наметнувањето на едно технолошко решение, ги сопира развојот, иновирањето и здравата конкуренција,“ наведоа лидерите во писмото од 4-ти декември.

Европската комисија месецов треба да соопшти пакет мерки, со коишто ќе им се излезе во пресрет на производителите на автомобили. Пакетот требаше да биде објавен на 10-ти декември, но се одложи за уште една седмица.

Членките на ЕУ го преиспитуваат прописот што го усвоија во март 2023 година, со којшто се забранува регистрирање нови возила со мотор со внатрешно согорување во Унијата по 2035 година. Тогаш беа големи очекувањата за електричните возила, меѓутоа напорите на производителите на автмобили се соочија со реалноста на побарувачката што е послаба од очеквуањата, како и со шестоката конкуренција од Кина.

Претходна објаваЕлектричен Мерцедес ГЛБ во новата генерација чини исто колку дизелот во претходната
Следна објаваПежо 3008 во финалето на изборот за Автомобил на годината во Јапонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here