Продажбата на Тесла во понор во ноември на најголемите пазари во Европа

Бројот на новорегистрирани возила на Тесла на клучните пазари во Европа доживеа драстичен пад во ноември. Производителот на електрични автомобили од САД не успеа да ја врати продажбата и покрај тоа што понуди нова изведба од својот најпродаван Модел Ипсилон.

Марката на Илон Маск во ноември сепак постигна зголемена продажба во Норвешка и во Италија, во споредба со лани, но затоа сите останати пазари се во дебел минус.

Во Франција во минатиот месец биле регистрирани за 58% помалку возила на Тесла во споредба со лани, со продадени 1.593 возила, понатаму за -59% во Шведска (1.466 возила), за -49 проценти во Данска (534), за -44% во Холандија (1.627), за -47% во Португалија (425) и за -9% во Шпанија, каде што биле регистрирани 1.523 возила во ноември.

Во Норвешка, пак, продажбата пораснала речиси трикратно, на 6.215 возила, што е нов годишен рекорд, достигнат уште еден месец пред да заврши годината. Во Италија, исто така има раст со 1.281 возило и 58% угоре, но на годишно ниво, бројките пак се за 28% под ланското ниво.

Вкупниот пазарен удел на Тесла во Европа се сведе на 1,6 процент за периодот од јануари до октомври, наспроти 2,4 проценти во истиот период лани. Тоа јасно укажува на надолниот тренд на марката, што пред две години со Модел Ипсилон го имаше најпродаваниот модел воопшто во Европа и најпродаваниот модел во светот.

Падот на марката во Европа започна кон завршетокот на минатата година, откако и извршниот директор Илон Маск, искажа јавна поддршка на крајно десничарските политички партии, и со тоа предизвика остри протести ширум континентот.

Во ноември, голем пожар зафати плац на дилер во јужна Франција, што поттикна да се поведе кривична истрага, дали станува збор за подметнат пожар.

[the_ad id=”85764″]

Маск се повлече од политичката сцена, откако го напушти местото на советник за економично трошење на буџетот на САД, но европската продажба продолжи да тоне.

Аналитичарите посочија дека причина за негативниот тренд е заситениот европски пазар, посебно со новите марки од Кина, како и застарената понуда од модели на Тесла.

Купувачите го изгубија интересот за Тесла. Аналитичарите од Ескалент во својата студија дојдоа до податок, дека 38% од испитаниците на 5-те најголеми пазари за автомобили во Европа ценат оти иновативноста на марката е избледена и Тесла заостанува зад конкурентите во дизајнот, квалитетот и во емотивната привлечност.

Купувачите избираат хибриди место БЕВ

Француската автомобилска комора соопшти дека возачите сé повеќе се решаваат за хибридни автомобили, место за целосно електрични модели.

Ноемвриската продажба на кинескиот производител на електрични автомобили Би Уај Ди, што за разлика од Тесла продава и хибриди и приклучни хибриди, се искачи на 3.526 возила во Италија, порасна за 228% во Шпанија, со 2.934 возила и за 65 проценти во Холандија, со 570 возила, што им е досега најголема месечна продажба во земјата.

Претходна објаваСитроен двојно ја зголеми продажбата во Полска, преку 9.000 возила до ноември
Следна објаваМакедонскиот увозник на Донгфенг меѓу 100-те дистрибутери на самитот во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here