Шест од десет се од Кина: Најголемите производители на електрични автомобили во светот

Кинеските производители држат половина од списокот на 10-те најпродавани марки електрични автомобили во светот. Истото важи и за приклучните хибриди.

Шаоми постигна пробив во светскиот Топ 10 по само две години од почетокот на производството на електрични автомобили

Светскиот пазар на возила со електрифицирана погонска спрега порасна за 31 проценти во третото тромесечје од 2025 година. На годишно ниво, се предвидува дека растот ќе изнесува 25 проценти.

Под возила со електрифицирана погонска спрега се опфатени батериските електрични автомобили, приклучните хибриди и електричните автомобили што располагаат со мал мотор, што работи како генератор и дозволува многу подолг досег. Последниов вид погон ужива висока популарност пред сé во Кина, но и европските производители сé повеќе се заинтересирани да го понудат.

Во третото тромесечје, ширум светот се продадени 5,39 милиони вакви возила. Повеќето се чисто батериски електрични автомобили. Со 3,71 милиони примероци, БЕВ (батериски електрични автомобили) постигнале раст од 48 проценти во споредба со лани. На приклучни хибриди отпаѓаат 1,67 милион возила, што претставува раст од 4 проценти.

Би Уај Ди во предност пред Тесла

Би Уај Ди го сочува своето водство на пазарот на батериски електрични автомобили, иако продажбата им е намалена во споредба со второто тромесечје. Тесла и натаму е на второто место, но постигна раст од 29 проценти во последното тромесечје. Причина за тој раст е укинувањето на државните субвенции за батериски електрични автомобили во САД, поради што се создаде навала за искористување на истите.

Фолксваген падна на седмото место, поради значителниот пад во продажбата во Кина. Растот во Европа и САД не успеа да надомести за намалената продажба во Кина, најголем пазар за електрични автомобили во светот. На светската ранг листа, БМВ е на десеттото место, заедно со Мини, според продажбата.

Посебно се забележува пробивот на Шаоми. Кинескиот концерн за електроника почна да произведува автомобили пред само неколку години. Моделот СУ 7 стартуваше со нарачки кон завршетокот на минатата година. Шаоми веќе е на списокот на 10-те најголеми производители на батериски електрични автомобили во светот.

Во делот на приклучните хибриди, Би Уај Ди се соочи со заситеноста на пазарот во Кина и со силната конкуренција. Продажбата во третото тромесечје од 2025 беше под нивото од лани.

Двата германски производители на премиум автомобили, Мерцедес-Бенц и БМВ, се на осмото и деветтото место. Тоа е пробив во кинеската фаланга. Во Топ 10 на најголеми производители на електрични автомобили, шест се од Кина, два од Германија, додека на пазарот на приклучни хибриди, Кинезите се застапени со дури седум производители.


По кинеските, најзастапени се германските производители. Меѓу производителите од Кина, сепак постојат добитници и губитници.

Липмотор и Џили постигнаа силен раст во продажбата на батериски електрични автомобили. Ли Ауто, коишто во второто тромесечје беа втори најголеми производители на приклучни хибриди, веќе во следното тромесечје беа престигнати од Аито, Чери и Џили.

Забавува растот

Аналитичарите предвидуваат дека пазарот на елеткрифицирани возила годинава ќе достигне 20,43 милиони примероци, што соодветствува на раст од 25 проценти.

За следната година се предвидуваат 22,8 милиони возила, што значи дека претстои намален раст, од 12 проценти, според аналитичарите. Тоа посебно ќе го погоди кинескиот пазар, каде што постои жестока конкуренција со цените.

Претходна објаваБред Пит, Џорџ Расел, Лас Вегас, сé за премиерата на Мерцедес-АМГ ГТ со 4 врати
Следна објаваНајпродавани компактни СУВ на европскиот пазар до октомври

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here