
Електричната Киа ЕВ 3 беше дел од големите вести што во минатата седмица доаѓаа од Штип, кога компанијата Штип Сити Такси го одбележа почетокот на работењето, со возен парк што целосно се состои од возила со електричен погон. Заедно со Шкода Камик и Тојота Корола, таа ја сочинува победничката тројка во продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар во октомври.
Според неофицијални, но единствено достапни информации, на македонскиот пазар во минатиот месец биле регистрирани 502 нови патнички автомобили и 60 доставни возила. Вкупно до октомври, регистрирани се 5.119 патнички и 715 доставни возила. Пазарот не ја следи динамиката на продажбата од лани, кога првпат по укинувањето на секакви правила за увоз на користени автмобили, пазарот на нови возила надмина 7.000 примероци. Причина за забавувањето на пазарот е намалената продажба на доставни возила. Информацијата беше објавена во Аутомедиа во почетокот на неделава.
Сега веќе се достапни и податоците за моделската продажба, со редовната напомена дека станува збор за неофицијални податоци, затоа што МВР не ги објавува податоците со коишто располага.
Најпродаван модел во Македонија во октомври 2025 година е градскиот СУВ-модел Шкода Камик, со 33 возила, односно вкупно 228 возила во првите десет месеци. Второто место ѝ припаѓа на електричната Киа ЕВ 3 (Три) со 31 примерок, од коишто повеќето се испорачани за такси компанијата Штип Сити Такси. Како што е најавено оттаму, возниот парк ќе опфаќа вкупно 50 возила, така што и во следните месеци се очекува популарниот модел на Киа во Европа да се појави во македонскиот Топ 10. Првпат електричен автомобил избива на толку висока позиција на домашниот пазар, покрај тоа што досега е вистинска реткост автомобил на струја да се појави на листата.
Третото место го држи Тојота Корола, којашто наиде на долготраен успех, и од 2019 година наваму, практично е неразделна од Топ 10. Годинава се испорачани 227 примероци, од кои 25 во октомври.
Четвртото место припаѓа на МГ ЗС со 21 примерок. Тоа што податоците се неофицијални, секогаш остава резерва дека возилата можеби се испратени за реекспорт и со тоа им се наштетува на останатите марки за коишто се обезбедени веродостојни податоци.
Затоа, пак, не постои сомневање за 247-те продадени примероци од Шкода Октавија годинава, со 19 примероци во октомври. Чешката лимузина е најпродаван модел годинава, со десетина проценти предимство пред најблиските конкуренти, а тоа се Камик и Корола.
Ситроен Ц 3 (Три) ја подзабавил динамиката на продажба во октомври, затоа што за десет месеци се продадени 178 возила, од кои 15 во минатиот месец, што е под месечниот просек од 18 возила. Но, нема сомневање дека моделот со години ќе остане во Топ 10, па веројатно и уште повисоко од сегашното шесто место, посебно откако Французите објавија дека го надминале тесното грло во снабдувањето со компоненти за производството на моделот.
Веднаш по Ц3, следи уште еден „нормален“ македонски модел, Опел Корса, со 15 продадени примероци – нормален, затоа што Корса, пред во 2010 година да почне масовниот увоз на користени автомобили од скапи марки, по цена на нова Корса, постигнуваше неколку стотици продажби годишно, исто колку и Пунто, Поло и други модели од класата.
Тојота РАВ4 веќе е на генерациска смена и се очекува новиот модел, но „ловците на добри понуди“ секако не ја пропуштаат во овој стадиум. Од останатите модели што се редовно во врвот на продажбата, Киа Спортаж до октомври се има испорачано во 190 примероци, Рено Клио дојде до 211 примероци за десет месеци.
Со добри резултати продолжува Сузуки Витара, со 121 возило годинава, исто како и Шкода Скала, со 118 примероци до октомври.
Според неофицијалните податоци, најпродаван модел во првите десет месеци е Шкода Октавија со 247 возила, пред уште еден модел на Шкода, Камик, со 228 возила, едно повеќе од Тојота Корола. Понатаму следат Рено Клио (211), Киа Спортаж (190), Ситроен Ц3 (178), Хјундаи Тусон (151), Сузуки Витара (121) и Шкода Скала (118).
Во целата мината година, најпродаван модел беше Спортаж, пред Октавија, Камик, Корола, Корса и Дастер, Ц3, Тусон, Скала и Клио.















