
Македонскиот автомобилски пазар лани го постигна најдобриот резултат во продажбата на нови возила, откако во 2010 година беа симнати сите законитости што воведуваа ред на автомобилскиот пазар, со 7.202 возила. Годинава малку заостанува, иако неколку големи тендери може да донесат голем скок пред завршетокот на годината.
Во октомври, на македонскиот автомобилски пазар биле регистрирани вкупно 557 патнички и доставни возила. Во истиот месец лани, пазарот регистрирал 524 возила, така што се добива впечаток дека пазарот и годинава продолжува да расте, меѓутоа податоците за целиот период од јануари до октомври сепак укажуваат дека пазарот забавил.
Додека во минатата година, за десет месеци биле регистрирани 6.092 нови возила, од кои 5.240 патнички автомобили и 852 доставни возила, годинава за истиот период се бројат 5.834 новорегистрирани возила, со 5.119 патнички и 715 доставни возила.
Оваа споредба укажува на тоа дека пазарот ја изгубил динамиката поради намалената продажба на доставни возила. Кај нив, продажбата за 10 месеци е намалена за преку 19 проценти, додека кај автомобилите, падот е близу 2,5 проценти.
Податоците се од неофицијални извори, непотврдени од македонските надлежни институции, меѓутоа на овој начин се добива единствената слика за пазарните трендови, иако повеќето увозници ги прифаќаат податоците како ориентациски. Секако останува незадоволството кај увозниците поради тоа што државата и натаму не им го обезбедува основниот пазарен инструмент, според којшто ќе можат да ги споредуваат резултатите од својата работа.
Манипулирање со податоците и прикажување возила што се испорачани на соседни пазари
Уште повеќе разочарува фактот што деталните податоци од продажбата, редовно се испраќаат до надлежните инстиуции, но како и за многу други нешта, овој важен пазар останува без статистичка и официјална поткрепа. Тоа што внесува неверодостојност во податоците е манипулирањето со податоците и лажното прикажување повисока продажба од вистинската, со вклучување на возилата што се испорачуваат за соседни пазари, пример МГ и Хјундаи.
Доставните возила учествуваат со 60 приемероци во октомвриската продажба. Први се Фиат и Дачиа со по 9 возила, едно возило повеќе од Фолксваген.















