Липмотор Б03 Икс цели кон пазарот на електричните Хјундаи Кона и Форд Пума

Новиот малечок СУВ на Липмотор постигнува електричен досег што е меѓу најдобрите во сегментот, тврди кинескиот производител на електрични автомобили, при премиерата на Б03 Икс на салонот во Гуангџоу.

Липмотор А10, во Европа ќе се продава како Б03 Икс, штотуку имаше премиера на салонот во Гуангџоу.

Моделот на кинескиот пазар се води под ознаката А10, но на пазарите во Европа ќе се води како Б03 Икс. Како основа служи платформата Лип 3.5, во чијшто развој учествуваше концернот Стелантис и којашто се користи и за поголемите модели, вклучувајќи го компактниот СУВ-модел Б10.

Производството во фабриката на Липмотор во Хангџоу ќе започне во второто полугодие од 2026. Цените и целосните технички податоци ќе бидат објавени на салонот во Пекинг, што ќе се одржи во април. Европскиот старт може да се очекува дури кон завршетокот на 2026 година.

За разлика од поголемите модели на Липмотор, Б03 Икс ќе се произведува само во електрична изведба, без варијанта со продолжувач на досег, односно помошен бензински генератор.

Главни соперници се електричните модели Хјундаи Кона, Форд Пума Ген Е, Рено 4 Е-Тек, Пежо 2008, Опел Фронтера, Ситроен Ц3 Еркрос, Би Уај Ди Ато 2 и Џип Авенџер.

Кона е најпродаван електричен СУВ во Европа до септември, со продадени 26.778 возила, по него следат 2008 со 14.431 примероци и Пума со 13.229 примероци.

Продажбата на целосно електрични СУВ од градската класа се зголеми за 10 проценти до септември. Тоа придонесе за целиот пазар на електрични автомобили годинава да порасне за околу 25 проценти. Малечките СУВ се втор најпродаван сегмент во Европа, по компактните СУВ.

Липмотор тврди дека Б03 Икс ќе ги престигне конкурентите во поглед на досегот, со декларирани 500 километри со батеријата од литиум железо фосфат (ЛФП), според кинеските норми коишто се поблаги. Нема податок за батеријата, но веројатно се работи за истата батерија со 67,1 кВч, како во компактниот СУВ-модел Б10, којшто според пореалната норма ВЛТП постигнува досег до 434 километри.

Модел што веќе ја смени историјата на електричните авотмобили во Македонија, Донгфенг Бокс на тестот во Аутомедиа

За споредба, Кона располага со досег до 514 км според нормата ВЛТП, со батерија од 65 кВч. Рено 4 поседува досег до 409 километри, додека Би Уај Ди Ато 2 вози до 313 километри, според фабрички податоци.

Липмотор убедува дека Б03 Икс има ист досег, просторност и технологија, како поголемите модели, иако е долг 4,2 метри. Висната е 1,6 метар, а ширината 1,8 метар.

Б03 Икс ќе располага со напредни системи за асистенција, со кокпит со вештачка интелигенција и вчитување софтвер од облак, за целиот рок на експлоатација на возилото. На покривот може да се постави лидар, којшто е основа за автономно возење од повисоките нивоа.

Иако каросеријата е скроена класично, Липмотор тврди дека А10 (Б03 Икс во Европа) има отпор на воздух 0,26.

И покрај вообичаениот кутиест изглед на СУВ, Б03 Икс поседува аеродинамична каросерија со отпор на воздух 0,26, тврди Липмотор. За тоа придонесуваат и ламелите напред што го насочуваат струењето на воздухот и ги ладат сопирачките.

„А10 ќе стане ново светско мерило за малечки СУВ“, кажа финансискиот директор Ли Тенгфеј, при објавувањето на финансиските резултати на 17-ти ноември.

Липмотор в година ќе лансира и мал градски модел, со ознака А05, најави Ли. Поединости нема, меѓутоа е веројатно дека тој ќе им конкурира на Рено 5, Ситроен Ц3 и Би Уај Ди Долфин Сурф.

Липмотор во првите девет месеци продаде 16.507 возила во Европа, од кои повеќето се електрични модели.

Претходна објаваМерцедес ќе ја качи продажбата во САД на 400.000 возила, најавува електричен АМГ со преку 1000 КС
Следна објаваНовиот Фиат 500 Хибрид доаѓа во Македонија следното лето, засега е главна Гранде Панда

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here