Новиот Фиат 500 Хибрид доаѓа во Македонија следното лето, засега е главна Гранде Панда

Производството на новата изведба на Фиат 500 со хибриден погон почна во средината на ноември, тоа ќе биде следното големо освежување по Гранде Панда и 600.

Производството на новата изведба на Фиат 500 со хибриден погон почна во средината на ноември, тоа ќе биде следното големо освежување по Гранде Панда и 600.

Гранде Панда донесе големо раздвижување околу Фиат на сцената, со иновација и свежина што отсекогаш биле својствени за италијанската марка и побудувале симпатии меѓу македонските возачки и возачи. Откако 600, односно новиот Сеиченто, прв најави дека нешто ново ќе се случува со Фиат, сега е на ред следниот чекор: Фиат 500, меѓутоа не електричен, туку со благ хибриден погон и соодветно достапна цена.

Веќе доаѓаат првите информации околу следниот новитет во бранот модели на Фиат. Аутомобиле СК го потврди како приближен датум третото тромесечје од следната година, кога новиот Фиат 500 Хибрид ќе се појави во македонските салони.

Во гамата на Фиат досега фигурираа два модели со ознака 500, но од две сосем различни генерации, и со сосем различен вид на погон. Едниот е Фиат 500 од генерацијата 312, што светот првпат го виде уште во 2007-ма година и сé до веста дека тој повеќе нема да се произведува во Европа, поради новите закони за сајбербезбедност (?) на ЕУ, никој не помислуваше дека Чинквечентото еден ден ќе исчезне од понудата на Фиат.

Унијата со тој чекор ги усреќи возачките и возачите во северна Африка, каде што обожуваната Фиат 500 продолжи да се произведува во Алжир. Во последната „европска“ година, италијанската марка опслужи близу 100.000 купувачи со 500-ката. Во Аутомобиле СК во меѓувреме ги црпат последните залихи од моделот, „стариот и добар“ Фиат 500 уште може да се најде по цена од 14.900 евра (состојба 24-ти ноември).

Вториот Фиат 500, што и натаму е дел од гамата, доаѓа од сосем друга генерација, носи ознака 332 и својата премиера ја доживеа во 2020 година, како модел со целосно електричен погон. Ниту неговата кариера не мина без последици, посебно откако Германија во 2023 нагло ги укина субвенциите – затоа што Германците со субвенциите не купуваа германски електрични автомобили, оти и ги немаше, туку народните пари во голем дел се трошеа за да се субвенционира цената на италијанскиот Фиат 500е.

Електричниот бран во меѓувреме зема залет повторно во ЕУ, откако конечно дојдоа европските електричните автомобили и бавно се враќаат субвенциите, меѓутоа Фиат повеќе нема време за чекање. Менаџментот на Стелантис направи еден досега невиден потег. Електричен модел, го префрли да работи во втора верзија, како благ хибрид.

Тоа е сегашниот Фиат 500 Хибрид, значи варијанта што со каросеријата и во секој друг поглед е идентична со електричната 332-та што светот ја познаваше досега, меѓутоа нема електромотор и нема батерија, туку има бензинец од 1,0 литар, мануелен менувач, резервоар, издувен систем, сé што треба.

Главната разлика секако дека е во цената. Додека електричниот Фиат 500 е изработен како премиум ретро модел и освен погонот, располага и со луксузна опрема, па соодветно чини над 30.000 евра, новата хибридна 500-ка со цената ќе се движи околу 20.000 евра.

Тоа значи дека стилот на 332-та, што навистина е погоден и многумина го одобруваат како успешна „реинкарнација“ на моделот од времето на Долчевита, сега ќе биде многу подостапен. Секако дека Фиат нема да ги помати водите на Гранде Панда и на самата Панда, коишто со цените остануваат како појдовни модели во гамата на Фиат, па хибридната 332-ка исто така ќе ја нудат како премиум ретро-модел.

Уште една голема вест е тоа 500 Хибрид ќе се произведува во Мирафиори, историска фабрика на Фиат, во Торино. Откако Италијанците ќе се уверат дека пазарот ја бара хибридната 500-ка, продукцијата во Мирафиори ќе може да се качи повторно на 100.000 примероци годишно.

Сите три каросерски изведби на електричната 500е важат и за Хибрид: Класична изведба со две врати, изведба 3+1, со малечка задна врата само од совозачката страна, и секако Кабриолет.

Познати се и имињата на нивоата на опрема: Поп, Ајкон, Ла Прима, и специјално за стартот, Торино, што ќе биде достапна ограничено време.

Цените во Италија почнуваат од 19.900 евра за нивото Поп, со клима уред со филтер за полен, челични тркала од 15 инчи, дигитални инструменти од 7 инчи и пристап без клуч, автоматски светла, електрика на ретровизори, темпомат и држач за мобилен телефон место голем дисплеј во средина. Средното ниво Ајкон доаѓа со автоматска клима, сензор за дожд, електрична паркирна сопирачка, средишен дисплеј од 10,25 инчи, вештачка кожа на волан, арматурна табла во боја на каросерија и тркала од лесен метал од 16 инчи, со цена од 21.400 евра.

Моторот е 1,0-литарски, изведен како 12-волтен хибрид, со моќност од 65 КС и просечна потрошвачка од 5,3 литри според фабрика.

Претходна објаваЛипмотор Б03 Икс цели кон пазарот на електричните Хјундаи Кона и Форд Пума
Следна објаваШкода и Рено ја престигнаа Тесла, се вжештува пазарот на електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here