
Концернот Фолксваген ја проширува својата логистичка мрежа во Европа и во иднина ќе го користи пристаништето во Венеција како нов центар за извоз на автомобили. На пристаништето на североистокот на Италија веќе почнаа да се товарат возила за извоз во Турција и на азиските пазари.
Фолксваген уште летоска најави дека има намера да почне да ги извезува своите автомобили од Италија. Во меѓувреме започна со работа новиот логистички јазол. Во почетокот, на секои две седмици ќе отпловува брод на компаниите за поморски превоз Гловис или Коско. Од јануари, брод ќе поаѓа еднаш седмично. Според податоците на пристанишниот оператор, во Венеција секоја седмица ќе пристигаа по 20-на возови натоварени со автомобили Фолксваген.
Помалку трошоци и пониска емисија на ЦО2
Целта е на годишно ниво од логистичкиот јазол Венеција да се испорачуваат 100.000 возила годишно, а 90 проценти од возилата ќе се превезуваат дотаму со воз. Новиот логистички јазол е „моќен инструмент за смалување и на трошоците и на емисијата на ЦО2 на нашиот транспорт“, вели менаџерот што е надлежен за транспорт на возила Петер Херндлајн.
Фолксваген во моментов користи чартер бродови за извоз на своите возила, првенствено од Емден, како и од пристаништата во Бремерхафен, Куксхафен и Рошток. Оттаму ќе продолжи бродскиот транспорт на возила од фабриките во северна Германија, како Волфсбург и Емден, исто како и извозот на возила од останатите марки, што се наменети за пазарите во Северна и Јужна Америка.
Потсетување на тестот на електричен ИД.4 во 2023 година
Вниманието е насочено кон фабриката во Братислава
Преку Венеција ќе се испорачуват главно моделите од источноевропските фабрики. Вниманието е насочено повеќе кон Братислава во Словачка. Но, новиот јазол е атрактивен и за фабриките на Ауди и Порше во јужна Германија.
Лани концернот качи на брод околу 2,3 милиони возила на пристаништата ширум светот. Повеќе од половината, односно 1,24 милион возила, товарени се во Емден.
Фолксваген во пристаништето во Источна Фризија неодамна го започна проектот Ауто Лог со партнерите, меѓу кои е Дојче Телеком, во чијшто рамки првпат се врши автоматизирано преместување на возилата во вистински услови на пристаниште.















