Хорацио Пагани, основачот на ексклузивната мануфактура за суперспортски автомобили што го носи неговото име, родум Аргентинец, се вклучува во нов бизнис. Тој е убеден дека истите тие колекционери што не пропуштаат да си набават по уште еден примерок од неговите скапоцени и незамисливо брзи автомобили, ќе се заинтересираат и за неговиот прв градежен проект.
Пагани Резиденции е 30-катница со 70 станови, што е планирано в година да почне да се гради во Норт Беј Вилиџ, мала група острови во заливот Бискејн.
Реализирана во соработка со Мајами Ривиера Хорајзонс, со којашто раководи Мајкл Хамауи, на врвот на висококатницата ќе има два дуплекс пентхауси, со цена од по 30 милиони долари – рекордна вредност за тоа подрачје. Со секој од двата пентхауси следи ексклузивна верзија Мајами Едишн од моделот Пагани Утопија Родстер, суперавтомобил за којшто обично се чека три години и чини над 3 милиони долари.
Пагани со тоа зачекорува на растечкиот пазар на брендирани недвижнини во Мајами, кадешто производителите на автомобили го видоизменија хоризонтот.
Во висококатницата на Порше во Сани Ајлс Бич и во Бентли Резиденции, коишто веќе се градат во близина, се наоѓаат посебни лифтови што ги качуваат автомобилите до становите.
Астон Мартин на самиот брег има изградено 66-катница, којашто се цени како највисока станбена кула јужно од Њујорк Сити. Таа лани ги вдоми своите станари и дел е од бранот градби со имиња на автомобилски марки, што прераснаа во нов статусен симбол на југот на Флорида.

Според Хамауи, градбата е параван, за љубителите на спортските автомобили на Пагани да се поврзат уште подиректно со марката. Околу 40 проценти од становите се продадени, повеќето од нив се сопственици на автомобил Пагани.
Пагани исто така има намера да се всели. Од основањето на компанијата во почетокот на 1990-те, Хорацио Пагани досега има произведено околу 600 автомобили – што е неспоредливо со Порше, коишто лани продадоа 50.000 парчиња од својот 911, или 13.000 возила колку што Ферари продава за една година.
„Пагани е посебна ниш марка. Тоа не е марка што сите мора да ја знаат, но еден од 10-те што знаат, навистина се тие со коишто сакаш да работиш,“ кажа Хамауи во интервју. „Голем дел од тие личности поседуват автомобилски збирки што се вредни меѓу 50 и над 100 милиони долари.“
[the_ad id=”85764″]
Купувачите на пентхаусите, со површина од околу 1.000 и 1.150 метри квадратни, ќе имаат и лет до Модена, во Италија, за да се запознаат со Пагани и со неговиот тим во Пагани Арте. Тоа е студиото за дизајн на компанијата, што работи на внатрешната архитектура, за одредени делови да се изведат по посебна нарачка.
„Повеќето од нашите клиенти веќе поседуваат автомобили Пагани и имаат пристап до нив во разни делови од светот,“ одговори Хорацио Пагани на прашања од новинарите. „За тие што сакаат да поседуваат автомобил во иднина, овој проект сепак може да стане извор на инспирација и дополнителен поттик.“
За Мајами, овој проект претставува појдовна точка, за Норт Беј Вилиџ да се претвори во најлуксузен простор, каков што досега не е виден тука. Опкружен од скапи реони, како Бал Харбур или Индијан Крик, оваа зона досега одолеваше на масовната изградба каква што се одвиваше на останатите места, сé додека неодамна не се сменија законите, со што се отвори простор за нови градби.
Додека продажбата на станови во згради што се постари од 30 години ослабна по уривањето на кулата во Сурфсајд во близина, во којашто загинаа близу 100 лица во 2021 година, по што беа воведени нови закони за одржување и осигурување, новите луксузни градби се продаваат одлично и ги туркаат цените угоре.
Хамауи наведе дека во 2021 година го купил плацот за околу 4,5 милиони долари. Вкупната продажба на станови во зградата ќе достигне сума од близу половина милијарда долари, кажува Хамауи.
„Тие сакаа бутик зграда. Тие произведуваат по 50 до 60 автомобили годишно, и нема да прават зграда со 400 станови,“ вели Хамауи. „Тоа што ние го продаваме навистина е иднината на Норт Беј Вилиџ, а не денешницатга на Норт Беј Вилиџ.“
















