Пежо ги донесе лавовите 3008 и 408 во Сити Мол

Два сосем различни каросериски видови и сосем различни видови погон ги одликуваат двата модели на Пежо, со коишто Еуроимпекс вообичаено прави „мини авто-салон за една марка“ во Сити Мол. Тие се дел од Лавовската Понуда од модели, којашто покрива дијапазон од 16.990 до 30.990 евра.

Тоа е веројатно најголемиот „лав“ што Пежо досега го има ставено како обележје; Голема новина е 1,6-литарскиот бензинец со 215 КС

Традицијата е голема работа во Еуроимпекс и Пежо на македонската сцена, а дел од таа традиција секако беше изложувањето на некогашниот Аутоекспо. Одамна во Македонија не се одржуваат салони за автомобили, меѓутоа автомобилските марки вешто изнајдоа начин да си допрат до луѓето и надвор од своите салони. Пежо пушти „два лава“ во Сити Мол, едниот 408, другиот 3008.

Најмалку двапати во годината, Еуроимпекс и Пежо извесно време наназад практикуваат да ги донесат своите модели непосредно до местата на коишто има голема раздвиженост на народ, во трговските центри. Очигледно дека тоа функционира, затоа што во маркетингот на марката се задоволни од повратниот одговор со којшто јавноста возвраќа. Секако дека за тоа влијае и изградениот имиџ на Пежо на македонската сцена низ сите овие години, како марка што луѓе во некоја анкета веројатно ќе ја кажат меѓу првите, прашани кои автомобилски марки се најсупешни тука.

Еден од изложените модели е 408, автомобилот со каросерија што не се вклопува во ниту еден од постоечките „калапи“ и претставува купе, лимузина, СУВ и комби во едно. Вториот е СУВ-компактот 3008, модел што до септември има постигнато близу 100.000 продажби на европскиот пазар, како 5-ти најпродаван модел во сегментот, со раст од 33 проценти во споредба со лани.

Двата модели се дел од кампањата наречена Лавовска Понуда, заедно со 208 и 2008, покривајќи ценовен распон од 16.990 до 30.990 евра. Кросоверот 408 и СУВ-то 3008 ги дели 1.000 евра разлика во цената (29.990 евра за 408 и 30.990 евра за 3008), меѓутоа разликата во погонот е суштинска. Додека акцискиот 3008 користи благ хибрид со системски 145 КС, со електромотор од 21 КС вграден во 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка, кај 408 се работи за 1,6-литарски турбо-бензинец со познатата ознака ТХП, во којашто автомобилистите препознаваат дека е моторот развиен заеднички меѓу Пежо и БМВ. Кај него, моќноста е 215 КС, комбиниран е со 8-степен автоматски менувач, познат по неосетното менување на степените.

Изведбата на Пежо 408 со 1,6-литарски турбо-бензинец „ТХП“ го пополнува просторот меѓу 1,2-литарецот и моделот со приклучен хибриден погон

Цените за кросоверот и СУВ-то се однесуваат на нивото на опременост Алур, а тоа значи двозонска автоматска клима, автоматско долго светло, пристап и старт без клуч, тркала од лесен метал, два дисплеи од по 10 инчи под заеднички панел, паркинг сензори и задна камера, затемнети задни стакла и уште дузина системи за асистенција, заради комфор и безбедност.

Пежо 3008 е петти најпродаван компактен СУВ во Европа годинава, со близу 100.00 примероци и раст од 33 проценти

Пежо ги изложува двата лава 3008 и 408 во Сити Мол (во нивоа на опременост Бизнис и ГТ), пред Плеј Кафе, од 3-ти до 10-ти ноември. Посебно е впечатливо логото, односно повеќе „витешки грб“, во досега невидена големина, колку еден автомобил. Значи, во Македонија ни се допаѓа кога автомобили (достојно) се изложуваат и надвор од салон, некогаш луѓето сакаат необврзано да ги погледнат автомобилите, и ова е добра пригода.

Двата модели веќе беа на тестирање во Аутомедиа и оставија вредни видео содржини.

Пежо 3008 на тестот во Аутомедиа

Пежо 408 на тестот во Аутомедиа

Претходна објаваФерари е отпорен на криза, добивката порасна 5 проценти
Следна објаваДесет најпродавани електрични модели во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here