Недостигот од материјали скуси 7.400 возила од продукцијата на Нисан во САД

Нисан во фабриката во Смирна, Тенеси, една од најголемите свои фабрики во Северна и Јужна Америка, произведува четири кросовери што имаат висока продажба, вклучувајќи го Рог.

Фабриката на Нисан во Тенеси изгуби продукција од 7.400 возила поради недостиг од „електроника, делови и материјали.“

Нисан Мотор поради недостиг од делови мораше да го скуси производството во САД на својот најпродаван модел, кросоверот Рог.

Јапонскиот производител на автомобили им соопшти на своите добавувачи на 30-ти октомври, дека ја скусил октомвриската продукција во фабриката во Смирна, Тенеси, за околу 7.400 возила.

Во оваа фабрика, којашто се вбројува меѓу најголемите капацитети на Нисан во Северна и Јужна Америка, се произведуваат четири кросовери коишто постигнуваат висока продажба.

Нисан го запре производството на двете ленти во фабриката на 24-ти и на 27-ми октомври.

Производителот ги откажа плановите за дополнителни смени во работата на монтажа на моделот Рог и во ноември ќе стави повеќе нагласок на производството на Мурано, Патфајндер и Инфинити Ку Икс 60.

„Нисан ќе продолжи да се справува со притисоците во снабдувањето, коишто влијаат врз материјалите што се користат во монтажата на возила,“ кажа претставник на Нисан.

Нисан го образложи скусувањето на производството во Смирна со кусокот од алуминиум, по пожарот кај добавувачот Новелис во Освего, Њујорк. Тој инцидент предизвика запирање на производството во фабриките на Форд и Стелантис.

Нисан работи на изнаоѓање на извори за алуминиум од други добавувачи. Неизвесно е дали ќе продолжи паузирањето на производството во Смирна, кажува упатено лице.

„Се работи од ден за ден“, кажува изворот.

Новелис на 23-ти октомври објави дека очекува поправките во оштетениот дел од фабриката да завршат во декември.

Се заканува нова криза во веригата од добавувачи

Како и целата автомобилска индустрија, Нисан се соочува со криза поради спорот меѓу Кина и холандската влада околу Нексперија, чијшто чипови масовно се користат во автомобилските делови.

Кризата со чиповите на Нексперија ги загрозува германските фабрики за автомобили

Ограничувањата на извозот на автомобилските чипови на Нексперија наведе неколку производители да предупредат дека се соочуваат со кусок и со опасност од запирање на производството.

„Тоа не е мал проблем, тоа е голем проблем,“ изјави директорот за биснис перформанси Гујом Картие пред новинарите, прашан за опасностите по снабдувањето со чипови. „Во моментов немаме јасна слика.“

Картие во заедничко интервју за време на салонот за автомобили во Токио, кажа дека производителот е „ОК до првата недела од ноември“ во врска со снабдувањето со чипови.

Проблемот може да се контролира до првото ниво на добавувачи, но понатаму кај нивните поддобавувачи, производителите на автомобили веќе губат секаква контрола, кажа Картие.

Претходна објаваКина ѝ дозволи на Нексперија да извезува чипови, но прво да одобри Пекинг
Следна објаваСеат Ибица и Арона со нов изглед, сменета кабина и повеќе опрема

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here