Кина ѝ дозволи на Нексперија да извезува чипови, но прво да одобри Пекинг

Спорот меѓу Кина и Холандија околу контролата на производителот на чипови Нексперија прерасна во закана да запре производството на автомобили во светски рамки, поради недостигот од чипови.

Кина ќе им одобри на компаниите што се погодни, да бидат изземени од забраната за извоз на чиповите на Нексперија, соопшти претставник на министерството за економија на 1-ви ноември.

Соопштението е објавено откако забраната на Кина за извоз на холандскиот производител на чипови, ја доведе компанијата Хонда Мотор во ситуација да го запре  своето производство во Северна Америка и ги наведе останатите светски производители на автомобили да предупредат дека се соочуваат со кусок од микрочипови.

Овој чекор сигнализира дека попуштаат тензиите околу сложената верига на добавувачи за автомобилската индустрија.

„Ги покануваме компаниите што се соочуваат со практични потешкотии веднаш да контактираат со министерството за економија или со локалните власти (во Кина),“ порача претставникот во соопштението што беше објавено на вебсајтот на министерството.

Неколку медиуми доцна на 31-ви октомври излегоа со веста дека САД ќе дозволат Нексперија да продолжи со испорака на своите чипови, повикувајќи се на упатени извори. Веста следеше по склучувањето на спогодбата за трговија меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг при нивната средба во изминатата недела.

„Ние темелно ќе ги разгледаме условите во коишто се наоѓаат компаниите и ќе дозволиме отстапки за извозот,“ порача претставникот на кинеското министерство.

Министерството не наведе кога ќе бидат дозволени отстапките или кога ќе започне нивната примена.

Во соопштението, претставникот наведува и дека „несоодветната интервенција на холандската влада во внатрешните корпоративни состојби“ била причина за прекинот во снабдувањето на светските пазари со чипови.

Трговската војна меѓу САД и Кина води кон нова чип-криза, фабриките за автомобили имаат микрочипови за уште неколку недели

Нексперија е со седиште во Неимеген, Холандија, и од 2019 година е во сопственост на кинескиот проиводител на електронски компоненти Вингтек Технолоџи.

Нексперија е активна во Европа, Азија и САД, но во голема мера зависи од своите фабрики во Кина, каде што чиповите се тестираат и се пакуваат. Тие чипови масовно се користат во голем број компоненти што се вградуваат во автомобилите.

Холандската влада на 30-ти септември ја презеде контролата врз Нексперија, образложувајќи дека тоа било чекор од интерес на националната безбедност и дека „достапноста на чипови е критична за европската индустрија.“

Пекинг на 4-ти октомври воведе забрана за Нексперија да извезува чипови од Кина.

Претходна објаваКонцернот Фолксваген ќе стави повеќе модели од различни марки на иста плаформа за да ја зголеми профитабилноста
Следна објаваНедостигот од материјали скуси 7.400 возила од продукцијата на Нисан во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here