Киа со рекорден октомври во САД

Октомври ѝ донесе уште еден рекорден месец на Киа на инаку проблематичниот пазар во САД, со 69.002 продадени возила, што е рекорд за овој месец.

Спортаж е убедливо најпродаван модел на Киа и во САД, со подолга каросерија и помеко подвозје во споредба со европскиот модел

Киа е на пат трета година по ред да ја заврши со рекордна продажба во САД. Октомвриската динамика уверува со продадени близу 70.000 возила, повеќе од кој било октомври досега.

Во споредба со октомври лани, дилерите на корејската марка во САД во минатиот месец ја зголемиле продажбата на возила за 8 проценти. Со истата динамика расте  и пазарот на Киа во САД во првите десет месеци, со раст од 8 проценти и продадени 705.150 возила.

Пет модели на Киа се издвојуваат со зголемената продажба

  • Ниро, +75 проценти
  • Карнивал, +35 проценти
  • К5, +31 проценти
  • Селтос, +32 проценти
  • Спортаж, +17 проценти

Сите овие модели достигнаа рекордна продажба.

Моделите на Киа со електрифициран погон, вклучувајќи ги хибридите, напредуваа за 16 проценти, а исто и уделот на СУВ-моделите се зголеми за 2 проценти во октомври.

„И покрај бројните предизвици со коишто се соочува автомобилската индустрија, Киа се сосредоточи на долгорочен раст, привлекувајќи ги клиентите со разновидна понуда од модели што нудат одлична вредност, и продолжуваме по патот кон трета година по ред со рекордна продажба,“ изјави Ерик Вотсон, заменик на директорот за продажба во Киа во САД.

Киа очекува дополнителен поттик во продажбата со доаѓањето на втората генерација на големиот СУВ-модел Телјурајд, чиешто деби ќе се случи на салонот во Лос Анџелес што се одржува месецов. Директорот Вотсон очекува марката да продолжи да расте „како што наближува сезоната на празнични купувања и влегувањето во новата година“.

Киа Телјурајд е меѓу најважните премиери на салонот в Лос Анџелес, што почнува на 20-ти ноември. Големиот СУВ е еден од најпродаваните модели на Киа на пазарот во САД во историјата.

Киа воедно го одбележа и заминувањето на Соул, како еден од моделите што најмногу придонесе за целата сцена да стане свесна за дизајнерската страна на Киа. Од 2009 година, преку 1,5 милион примероци од Соул се продадоа на пазарот во САД. Еден од првите кросовери со порадикален стил, своевремено се продаваше на македонскиот пазар и во моментов е вреден раритет на нашата сцена.

Претходна објаваСАД ветија надминување на кризата со чипови што ја предзвикаа и ја загрозија целата автомобилска индустрија
Следна објаваКонцернот Фолксваген ќе стави повеќе модели од различни марки на иста плаформа за да ја зголеми профитабилноста

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here