
Овојпат причина за запирање на испораките со микрочипови не е Ковид-19, туку е трговскиот спор меѓу САД и Кина, откако во спорот беше вмешана Нексперија, еден холандски добавувач, што не е толку познат, но произведува милиони микрочипови годишно.
Полупроводниците на Нексперија не се технологија што е без конкуренција, но тие се користат за основни функции, за прекинувачи и за копчињата на воланот.
Залихите се доволни за само уште неколку седмици, упатуваат индустриските групи. Тоа ги става производителите на автомобили во опасност од нова криза со микрочипови.
Кои се Нексперија и што произведуваат тие?
Нексперија е создадена во 2017 година, кога холандскиот гигант во производство на микрочипови Н Икс П (дел од Филипс), го продаде својот оддел за Стандардни Производи на два кинески инвеститори, на ЈАЦ Капитал и Вајс Роуд Капитал, за 2,75 милијарди долари.
Во завршетокот на 2019, Вингтек Технолоџи, кинески производител на електроника и компјутерска опрема, купи мнозински удел во акциите на Нексперија за 3,6 милијарди долари. По неколку месеци, основачот на Вингтек, Џанг Шиеџенг, стана извршен директор.
Нексперија го задржа седиштето во Нејмехен, Холандија. Компанијата ѝ продава на автомобилската индустрија околу 60 проценти од својата продукција. Прометот лани достигнал 2,4 милијарди долари. Нексперија во минатата година остварила профит од 331 милиони долари, што е одличен бизнис за Вингтек.
Компанијата вработува 12.500 лица во Европа, САД и Кина.
Автомобилските микрочипови на Нексперија се користат по цело возило, од светла, до електронски контролни единици, иако тоа не се технолошки најнапредните делови што се вградуваат во еден автомобил – за разлика од микрочиповите, што се користат, на пример, за автопилотирано возење.
Каде е спорот?
Нексперија, чиешто име одвај дека некогаш се спомнало надвор од индустријата на полупроводници, вовлечена е во трговската војна меѓу Кина и САД. Двете страни воведоа рестрикции воочи клучната средба што кон завршетокот на октомври треба да се случи меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг. САД воведоа нови царини за кинеската стока, на што Кина одговори со ограничување на извозот на т.н. метали од ретки руди, коишто се важни во автомобилската индустрија.
Во декември 2024, Вингтек, сопственикот на Нексперија, се најде на „црниот список“ во САД, за компании што подлежат на контрола на извозот. На 29-ти септември годинава, во тој список влегоа и ограноците на компаниите, а со тоа и Нексперија се најде на списокот.
Во следниот ден, на 30-ти септември, холандската влада презеде контрола врз Нексперија, повикувајќи се на закон од времето на Студената Војна, којашто дозволува такви зафати од страна на државата, кога постојат закани врз нејзината безбедност, дополнително укажувајќи дека во Нексперија се јавиле „големи пропусти во раководењето на компанијата.“
Во повеќе извештаи беше спомнато дека тоа е одговор на притисоците од САД, коишто почнаа да растат уште во јуни, иако Холандија го демантира тоа.
Пекинг на 4-ти октомври одговори на тој потег и воведе контрола на извозот од фабриките на Нексперија во Кина и на нивните договорни партнери.
Нексперија на 14-ти октомври објави дека Џанг повеќе не е извршен директор и привремено ќе биде заменет со директорот за финансии Штефан Тилгер.
Видеото од тестот на Мини Купер во Аутомедиа
Каква е ситуацијата сега?
АЦЕА, здружението на европски производители на автомобили, соопшти на 15-ти октомври дека нејзините членки и нивните добавувачи добиле предупредување од Нексперија на 10-ти октоври, во коешто се укажа на „низа настани коишто доведоа до ситуација за тие повеќе да не може да гарантираат испорака на нивните чипови за веригата од автомобилски добавувачи.“
Групацијата соопшти дека тековните залихи од чипови од компанијата ќе потраат само неколку седмици, со што се јавува опасност од запирање на монтажата на возила и други вонредни ситуации.
„Ова е проблем што ја зафаќа целата индустрија, погодувајќи голем број добавувачи и речиси сите наши членови“ изјави директорката на АЦЕА, Сигрид де Врис. „Одненадеж се најдовме во алармантна положба. Навистина ни се потребни брзи и клучни решенија од сите земји што се погодени.“
Во САД, Алијансата за автомобилска иновација, којашто ги претставува Џенерал Моторс, Тојота, Форд, Фолксваген, Хјундаи и речиси сите други поголеми производители, повика на брзо решение.
„Доколку не продолжат испораките на автомобилски чипови – брзо – тоа ќе го прекине производството на автомобили во САД и во уште голем број други земји, и ќе се прелее во останатите индустрии,“ порача извршниот директор на ААИ, Џон Бозела, во соопштението. „Тоа е исклучително важно.“















