Новиот шеф на Порше е експерт за луксуз и обожува хибриди

Порше го именуваше Михаел Лајтерс за нов извршен директор, доверувајќи му ја на германскиот инеженер историската задача да направи пресвртница во спортската марка. Светот на луксузот му е познат од неговото шефување во Мекларен и Ферари.

Михаел Лајтерс ја започна својата кариера во Порше во 2000 година, работејќи на развојот на новиот Кајен.

Лајтерс, 54, во јануари ќе го преземе местото на извршен директор од Оливер Блуме, кој доби доверба и во следните пет години да ја обавува работата на извршен директор на целата групација Фолксваген.

Лајтерс има долго искуство во пробивањето на хибридните модели на пазарот, што почна со успешниот Кајен за време на неговата претходна работа во германската спортска марка. Тој се врати во Порше во време кога се скусуваат работни места и се враќа вниманието кон хибридите и моделите со мотор со внатрешно согорување, откако скапата стратегија за електрификција на понудата од модели практично ја уништи маржата на компанијата.

Згора на тоа, Порше се соочува со високите царини во САД и со опаѓањето на продажбата во Кина, каде што локалните производители, од ковот на Би Уај Ди и Шаоми притискаат на пазарот со електрични автомобили, коишто се преполни со премиум одлики, а се нудат поевтино.

Предизвикот за Лајтерс е добро да ги распореди парите во развојот на нови модели, додека во исто време се соочува со притисокот да ги смали трошоците во Германија. Во автомобилската земја се скусуваат 3.900 работни места и штедењето ќе продолжи со цел да се врати профитабилноста.

Тој мора да менува и во САД, најголем единечен пазар на Порше, каде што компанијата не располага со фабрика, за преку локално проиводство да ги избегне високите царини на Трамп за увоз на автомобили.

Лајтерс го презема кормилото на Порше во тешки времиња. Некогашниот сигурен центар за профит на целиот концерн Фолксваген, четирипати ги скусуваше финансиските прогнози за годинава. Вредноста на акциите опадна толку (околу -25%), што Порше испадна од ДАКС, од индексот на германската берза.

Поради намалената побарувачка за својот електричен модел Тајкан и зголемените трошоци за производство, Порше ги одложи намерите да пушти на пазарот СУВ-модел со целосно електричен погон, којшто ќе биде нов знаменосец и ќе се постави над Кајен. Исто така се одложени уште неколку електрични модели (Бокстер, Кајман и др.) и воедно се најавени повеќе нови модели со хибриден и обичен погон, што ќе се придружат во понудата.

Лајтерс е добар избор за да раководи со промените, поради неговото богато искуство во производството и во технологијата. Машинскиот инженер во 2000 година ја започна својата кариера во автомобилската индустрија во Порше и работеше 13 години за компанијата. Тој раководеше со развојот на хибридната изведба на Кајен, а понатаму за целата понуда од модели.

Електричниот Порше Кајен на јулскиот Фестивал на брзината во Гудвуд, како прототип. Тој ќе се нуди заедно со моделите со МВС.

Пуштен во продажба пред повеќе од две децении, Кајен помогна Порше да се развие од марка со спортски автомобили во марка со поширока понуда на луксузни возила со високи перформанси. Скапиот СУВ беше најпродаван модел на Порше во 2024 година.

Лајтерс од Порше премина во Ферари, на местото на шеф за технологија. По осум години во Маранело, тој ја презеде функцијата на извршен директор во Мекларен, каде што работеше до април.

Германецот се посвети да го подобри квалитетот на британските суперавтомобили, меѓу другото и да ја среди хибридната Артура, меѓутоа не успеа во целост да ги поправи финансиските перформанси на компанијата. Тој работеше и на планот да се пушти СУВ модел на Мекларен.

Во Ферари, Лајтерс беше клучен човек за развојот на првиот модел на Италијанците со приклучен хибриден погон. Тоа е СФ90 Страдале, со моќност од близу 1.000 КС. Лајтерс рано се вклучи во развојот на Пуросанг, со којшто Ферари влезе на пазарот на суперспортски СУВ-модели.

Времињата не се најдобри за луксузните марки. БМВ, Мерцедес и Ауди се соочуваат со потешкотии во Кина, каде што нивните електрични модели се многу поскапи и заостануваат со софтверот. Дополнителен притисок се царините во САД и мирувањето на продажбата во Европа.

Видеото од тестот на Мини Купер во Аутомедиа

Иако Порше ги забавува своите планови за електрификација, производителите на престижни возила пак мора да изнајдат начин за да останат важни во електричната ера.

Ферари во почетокот на месецов го најави својот прв ЕВ, Елетрика, но објави и финансиски прогонози што не ги одушевија инвеститорите. Компанијата исто така се откажа од амбициозните планови за електрификација.

Порше во меѓувреме се подготвува во следните месеци да пушти електрична изведба од Кајен. Тоа ќе биде главниот тест за Лајтерс, за моделот што тој одлично го познава.

Претходна објаваЧасовници Мерцедес-АМГ: Перформанси што ги имаш на рака
Следна објаваТрговската војна меѓу САД и Кина води кон нова чип-криза, фабриките за автомобили имаат микрочипови за уште неколку недели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here