Сегашната генерација на Киа Спортаж имаше најлошо време да се појави на сцената. Наследникот на најпродаваниот СУВ и воопшто најпродаван модел на македонскиот пазар, дојде веднаш по пандемијата, среде чип-кризата, кога фабрики беа запрени и кога почна „Украина“. Во такви услови, луѓе двапати го вртат златникот за да се уверат дека вложуваат добро.
Доколку Спортаж не им вредеше на луѓето, ќе се решеа за нешто помало и поевтино. Но, токму таа серија од кризи од секаков вид, го даде најголемото уверување дека на луѓето им вреди да вложат во Спортаж. Тој остана најпродаван модел воопшто на македонскиот пазар. На ред е тестот на освежената моделска година на бетселерската Киа, во врвната изведба ГТ Лајн, со мотор со 180 КС и постојан погон на сите тркала.
На македонскиот автомобилски пазар, колку и да се чини дека сé се сведува на случајност, постојат правила. Најмногу се продаваат модели што се поевтини од останатите во класата. Чуму оние сликички со автомобили на инстаграм и фејсбук, за фирмата на Цукерберг да ви ги покаже во „њусфидот“ – и човекот да си заработи од тоа – кога купувачите се будат дури откако ќе препознаат најевтина понуда во конкуренција.
Тоа важи и за градските автомобили, и за малечките СУВ, па очигледно и за големите СУВ за коишто се бараат 30.000 евра и повеќе. Но, познато е дека за секое правило постојат и исклучоци. Киа Спортаж со години е најпродаван модел воопшто на македонскиот пазар, во оваа и во претходната генерација. Притоа, не е ниту најевтиниот СУВ. Тука решава противвредноста. Луѓе се подготвени за Киа Спортаж да издвојат повеќе – иако и тоа веројатно ќе биде само минимално – меѓутоа процениле дека со тоа ќе добијат повеќе отколку на друго место. И, со тоа се објаснува сиот овој феномен што се нарекува Киа Спортаж.
Новото моделско годиште доаѓа со нови светла, и тоа е осмиот модел на Киа со дневни светла во форма на соѕвездието Голема Мечка – една од најпрепознатливите созвездија на чисто небо – по ЕВ3, ЕВ4, ЕВ5, ЕВ6 и ЕВ9, и по фејслифтите на Соренто и Пиканто. Истото се случува и со новиот К4, на местото на Сид, и со фејслифтот на Киа Стоник.
Дневните светла по пример на Голема Мечка се само графика, меѓутоа главната функција е во четирите светлечки елементи едно врз друго
Вниманието го привлекуваат дневните светла, но големата приказна е всушност во низата од четири светлечки елементи, едно врз друго, што ги сочинуваат главните светла. Понатаму е сменета маската, браниците напред и назад, предните крила, украсните панели над праговите, лајсните под страничните прозорци, стилизираната заштита на подвозјето назад, графиката на задните светла, заоблувањето на вратата на багажникот. Не се пропуштени и нови дизајни за тркалата.
Најголемата промена во внатрешноста е веднаш под носот, волан со трапезно средиште, место алфа-ромео топук. И тоа е во стилот на ЕВ3 и ЕВ6, и реално изгледа многу отмено. Двата екрани од по 12,3 инчи под заоблениот дисплеј по целата ширина на кокпитот се нови и поставени под панел со повеќе заоблени агли. Графиката е сменета, но и содржината е сменета, со тоа што на средишниот екран сега се прикажува работата на новиот навигациски систем ццНЦ (конектед кар навигејшн кокпит).
Средишната конзола повеќе не сјае толку, а со тоа и не собира отпечатоци како Хорацио во НЦИС. Пијано-површината сега е заменета со титанеста нијанса со релјеф. Промена е тоа што режимите за возење сега се менуваат преку копче лево на воланот, додека кај верзиите со погон на сите тркала, како кај тестираната Киа, десно има и копче за заклучување на распредебата на њутнметрите меѓу двете оски, кога станува премногу лизгаво. Киа вели и дека е сменета формата на отворите за проветрување, и добро е што укажува на тоа, зашто отворите сега се „сокриени“ во арматурната табла.
View this post on Instagram
Напредуваат технологиите, проекцискиот дисплеј однапред го прикажува свијокот напред
Од новите технологии со фејслифтот, тука е проекцискиот дисплеј од 10 инчи, што покрај брзината и останатите вообичаени податоци, ја прикажува и острината на свијокот напред.
Седиштата во ГТ Лајн се обложени во комбинација од вештачка кожа – и одвај дека има нешто лошо да се забележи за тоа, сепак напредува технологијата и во тој поглед – и материјал што се нарекува Динамика, и на изглед и допир личи како Алкантара. Бело-црната комбинација потсетува на скапите италијански гран туризмо машини од 1980-те. Динамика е развиена од јапонскиот специјалист за вештачки материјали Асахи Касеи и освен на седиштата се користи и на облогите на вратите.
Моторот и натаму е 1,6-литарски ГДи, сега со моќност од 150 КС во изведбите со преден погон и 180 КС кога работи постојан погон на сите тркала. Спортаж ретко бил на тест во изведба со погон на сите тркала, така што овојпат се покажа добра шанса да се споредат перфомансите и возните својства на компактниот (накај среден) СУВ, по новата стандарна тест рута на Аутомедиа.
Спортаж не спринтува за златен медал, но затоа долгиот преносен однос возвраќа со ниска потрошувачка
Разликата меѓу изведбата со погон на сите тркала и преден погон, освен во 30-те КС, вклучува и екстра 15 њутнметри, но и тежина зголемена за 62 килограми (1.652 кг). Спринтот до темпо сто се продолжува за 4 десетинки (9,8 с), крајната брзина е повисока за 10 километри на час (203 км/ч). Во поглед на потрошувачката, дополнителното впрегнување на задната оска по потреба, значи половина литар повеќе гориво (7,9 литри).
Просечната потрошувачка на 4-те делници од тест-рутата:
- Петровец – Страцин 7,8 литри на 100 километри
- Страцин – Пробиштип 8,3 литри на 100 километри
- Пробиштип – Велес 6,0 литри на 100 километри
- Велес – Катланово 8,8 литри на 100 километри
Градската потрошувачка се движи во распон од девет до десет литри, што покрај тежината и погонот на сите тркала е во рамките на очекувањата.
Моторот од 1,6 литар не е „само турбо со директно впрскување“, туку дополнително го поседува и тој квалитет, што располага со променливо времетраење на отворањето на вентилите. Тоа во основа значи дека се добиваат два мотори во едно, едниот штедлив при умерено притискање врз гасот, другиот динамичен, кога повеќе ќе се запне и ќе се гони висока динамика.
Подетално за сите поглавја од тестот се зборува во видеото од тестот · https://youtu.be/C61B1HAjeKU
Спортаж е повеќе крстосувач за долги патувања, со постојана брзина, и во оваа изведба со погон на сите тркала, со резерва дека ќе се мине и кога условите на патот ќе се влошат. На тест-рутата се покажа и високата управливост и предвидливото однесување при влегување во граничното подрачје на стабилноста. Во тој поглед, Спортаж е како компактна комбилимузина, како Сид, место како СУВ што е тврд и што во брз свијок опасно се изместува кога има нерамнина на патот. Има Спортаж во Спортаж.
Комфорот се чувствува уште при поаѓање, изненадуваат возните својства како на компакт
Оцените се високи и за комфорот. Тоа се потврди на делницата од Крупиште кон Штип, којашто е во исклучително лоша состојба и се случувало други автомобили да тропаат, да се тресат и човек да помисли дека нешто ќе отпадне. Спортаж одлично балансира меѓу динамични возни својства и комфор на патна лимузина.
Пријатно изненадување е цената. Основниот модел чини 30.300 евра, и тоа е за 10-на проценти над моделот пред фејслифтот, но и 10-на проценти помалку од важните конкурентски модели што стартуваа во нова генерација во меѓувреме. Моделот на тест е во врвна изведба и чини 42.900 евра. Опременоста заслужува посебна објава, исто и бројните посебни функции, како прикажувањето слика од камерата во „инструмените“ при пуштање на трепкачите.
ГТ Лајн во Македонија е побогато опремен отколку во Германија, и многу е поевтин
Изненадувањето следи при споредбата со ценовникот за Германија. Киа Спортаж ГТ-Лајн со погон на сите тркала таму чини 47.790 евра. Но, за германскиот модел да ја достигне опременоста на „нашиот“ ГТ Лајн, купувачите таму треба да доплатат за три пакети, што Киа Македонија ги има вклучено како стандард.
Аудио Харман Кардон со централен звучник, два издвоени високотонци, сабвуфер и посебен засилувач, чини 690 евра. Стаклен покрив со диодни светилки на таванот, во багажникот и во кабината, чини 1.200 евра. Проекциски дисплеј, камери во 360 степени, предупредување за возило во мртов агол, асистенција за автопат и уште половина дузина системи за асистенција, чини 1.690 евра. Сите овие ставки се стандард во македонскиот ГТ Лајн. Со нив, топ-спортажот во Германија чини 51.370 евра. Кај нив сепак се вградува приспособлива амортизација (меѓу малкуте пазари што нарачуваат таков Спортаж), што прави разлика од околу 2.500 евра. Разликата меѓу македонскиот и германскиот Спортаж ГТ Лајн е 8.470 евра, односно околу 6 илјади евра, ако се исклучи адаптивната амортизација.
Спортски игра Киа со својот Спортаж
Според неофицијални податоци, Киа Спортаж до август годинава има постигнато 153 продажби на македонскиот пазар. Друг компактен СУВ не успева да се пробие меѓу 10-те најпродавани. Други СУВ-модели се Шкода Камик (178), Сузуки Витара (104) или Фолксваген Таиго (89), но тоа пак се модели од градската класа. Како што стои во почетокот на тестот, луѓе имаат доверба да вложат во Спортаж. За тоа секако придонесува и 7-годишната гаранција, но и долгите години во градење на имиџот на Киа на македонскиот пазар. Но, и други веруваат во Киа. Во Холандија, на пример, на изненадување на многумина, Киа е најпродавана марка воопшто годинава. Лани исто така. Спортски игра оваа марка.















